Производството се стабилизира, нема да има млечна криза

Фото: илустрација/архива на Слободен печат

Дел од домашните фармери велат дека секое лето се повторува истата ситуација, бидејќи кравите им е поудобно на пониски температури, но дека сега состојбата е стабилна. Лани сме имале 26,5 отсто помалку кравјо млеко во однос на 2022-та

На македонскиот пазар не му се заканува млечна криза, а домашното млекопроизводство е стабилно и покрај фактот дека страшните горештини летоска ја намалија млечноста на кравите за 30 отсто. Дел од домашните фармери велат дека секое лето се повторува истата ситуација, бидејќи на кравите им е поудобно на пониски температури, но дека состојбата е стабилна.

Според Државниот завод за статистика од 2017 година до денес постојано опаѓа производството на кравјо млеко во земјава. Лани биле произведени 238.328 илјади литри кравјо млеко, што е за 26,5 отсто помалку во однос на 2022 година. Намалување на производството е забележано и кај овчото млеко, и тоа за 20,5 отсто во 2023 година во однос на претходната година. Производството, пак, на козјо млеко е зголемено за 3,3 отсто споредено со претходната година. Во земјава има 79.021 молзни крави и тие во просек даваат 3. 016 литри млеко годишно.

– Нашите грла многу тешко ги поднесуваат високите температури, жештините го земаат данокот кога е во прашање количеството на измолзено млеко по грло, па така млечноста се намалува и до 30 отсто. Покрај тоа и кравите како луѓето, летно време помалку јадат, но сега се враќа млечноста – вели за „Слободен печат“, млекопроизводителот и член на УО на Националната федерација на фармери, Стеванчо Јордановски.

Според Јордановски, со намалувањето на температурите, нема да има млечна криза, а и откупната цена по литар е добра и изнесува од 30 до 35 денари.

– Сепак, трошоците за одржувањето на фармите се високи и најдобро поминуваат оние што имаат сопствена храна, бидејќи нејзината цена во зима се зголемува – додава Јордановски.

Инаку, Македонија е нето-увозник на млеко и млечни производи, и тоа од Словенија, Германија, Хрватска, Србија, Црна Гора, БиХ, Република Чешка, Република Бугарија, Грција, Франција.

Млекарското производство се карактеризира главно преку ниската продуктивност, а основен проблем е обезбедувањето на евтина добиточна храна.

– Производството на млеко се карактеризира со голем број мали фарми – традиционални фармери (75 отсто од вкупниот број) што имаат нископродуктивни 1-3 крави со ниско годишно производство на млеко од 2-3 илјади литри по крава. Многу е мал бројот на големи специјализирани фарми со повеќе од 20 крави (околу 3 отсто од вкупниот број) со висока продуктивност и годишно производство на млеко околу 5 илјади литри по крава. Само 1 отсто од фармите имаат повеќе од 50 грла и треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за преостанатите фарми (репродуктивни центри) – објаснуваат од Групацијата за млекопроизводство при СКСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот