Програмата на летната сцена „Славиша Кајевски“ во МНТ завршува со концерт на „Архангел“

Плакат за концертот на „Архангел“ / колаж

На летната сцена „Славиша Кајевски“ при Македонскиот народен театар, на 2 октомври, со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи највлијателната музичка фигура на урбаниот културен живот во Македонија – Ристо Вртев со групата „Архангел“.

Концертот е насловен „Македонски подобро звучи – Едиција 4“ и е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Македонскиот народен театар, со што свечено ќе се затвори првото издание на летната сцена „Славиша Кајевски“.

Македонскиот народен театар одлучи од оваа година да биде активирана летна сцена на која беа изведени повеќе театарски претстави од репертоарот на МНТ, како и гостувања на други театри, концерти и диџеј-сетови.

Летната сцена беше отворена на 17 септември со изведба на хип-хоп претставата „Црнила Ремикс“ во режија на Јордан Симонов, а во продукција на МКЦ. Следуваа изведби на претставите „Мој термин“, „Вечера за глупаци“ на Театар „Ј.Х.К. Џинот“ од Велес, „Кец на десетка“, „Не се клади на Енглези“ и дипломската претстава „Сакатиот од Инишман“ од ФДУ. Актерот Сашко Коцев го изведе стендап-перформансот „Широк дијафазон“.

Во музичкиот сегмент настапија Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд, Пијан Славеј, ЛД Пистолеро и диџеј Гоце, свои сетови имаа диџеите Оки Доки, Шваба и Данијел Ѓурчиновски, а Националниот џез-оркестар на 1 октомври изведе програма со нови аранжмани на безвременските хитови на „Битлси“.

Со отворањето на летната сцена МНТ ги проширува своите активности и го пополнува терминот помеѓу летната пауза и почетокот на редовниот репертоар на театарот со цел да ги сплоти публиката, актерите, режисерите, музичарите и сите уметности на едно убаво место – плато/летната тераса покрај течението на реката Вардар.

Сцената е именувана во чест на актерот Славиша Кајевски (1982-2021).

– Нѐ сплоти Славиша и неговиот дух, тој ни даде крилја да полетаме со изведбите на прекрасните театарски претстави преплетени со урбана и квалитетна музика – истакна в.д. директорот Никола Кимовски на свечениот чин на отворањето на сцената.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот