Продаваме ветер, купуваме магла

За најавената најголема енергетска инвестиција само се знае дека ќе чини повеќе од 500 милиони долари, дека ќе ја гради инвестициски фонд со седиште во Луксембург и дека ние ќе си го дадеме ветерот и земјиштето за поставените 55 ветерници. И ова да ти било нашиот пат кон енергетска независност.

Новиот премиер Христијан Мицкоски вториот работен ден ја претстави, како што рече, најголемата инвестиција во енергетиката. Со таа инвестиција, барем според најавите, треба да направиме огромен чекор кон нашата енергетска независност. Така и би било кога ветерниот парк, кој би можел да ги задоволи потребите на 10.000 домаќинства, би си го граделе сами како држава. Вака, Мицкоски спои две неспојливи работи во една реченица – дека ветерниците ќе ги гради странски инвеститор и дека ние ќе ја зголемиме енергетската самостојност?! Две работи што никако не одат рака под рака.

Странскиот инвеститор ќе го изгради ветерниот парк, тука ќе произведува струја и тоа производство ќе се смета како домашно. Но, Мицкоски добро знае дека странскиот инвеститор со таа „домашна струја“ ќе си прави што сака. Токму Мицкоски, објаснувајќи пластично за колкав капацитет станува збор, рече дека производствениот капацитет на ветерниците ќе биде колку две ТЕ-ТО. И ТЕ-ТО е приватна инвестиција. И нејзиното производство влегува во билансот на домашното производство, овој енергетски капацитет е особено важен за Скопје, затоа што станува збор за когенеративна централа, на која, на некој начин, нуспроизвод на производството на струја е топлинска енергија. Ама, кога беше шпицот на зимската сезона, некаде од средината на ланскиот декември па до 10 јануари годинава, ТЕ-ТО ниту произведуваше струја, ниту топлинска енергија! Едноставно, компанијата оценила дека во тој период не ѝ било исплатливо да произведува. Ниту за тоа некого информирала, ниту пак имала обврска.

Ова веројатно ќе биде реалноста и за новопромовираниот ветерен парк. Никој на завчерашната свечена промоција не ни зуцна за тоа има ли некои услови под кои ние би го дале својот ветер на некој инвестициски фонд од Луксембург, со тим советници стациониран во Дубаи?!

На министерката за енергетика Сања Божиновска ѝ падна секирата во мед: ем првпат во државава постои вакво министерство и ваков министер, ем првото јавно обраќање ѝ е поврзано со, како што таа го нарече, „импресивна инвестиција“. Ако импресивноста е во ветените повеќе од 500 милиони долари колку што ќе чинел ветерниот парк, сумата е импресивна. Но, истата министерка потсети дека за време на енергетската криза сме дале за увоз на струја и за субвенционирање на домаќинствата 400 милиони евра. Ако зортот не натерал да се снајдеме и да обезбедиме тогаш 400 милиони евра, зошто да не се снајдеме да обезбедиме 500 милиони долари за сопствен ветерен парк?!

Ќе го потсетам премиерот Мицкоски на периодот кога беше директор на државната Електрани на Македонија (сегашно ЕСМ). Тогаш ги прошета новинарите што водат енергетика низ сите енергетски капацитети на државата. Јас, како новинар, што целиот свој професионален век пишувам за енергетиката, бев во таа група. Тогаш Мицкоски со голема гордост нè однесе и кај ветерниците кај Богданци кои се дел од ЕСМ, односно дел од државното производство. Тогаш зборуваше за исплатливоста на направената инвестиција, но и за идни вакви инвестиции под капата на државната компанија. Очигледно, многу ветер профучи од времето кога Мицкоски го раководеше државното производство на струја, до денес, кога се зафати да раководи со државата. Не знам зошто Мицкоски гордо се ракува со странските инвеститори. Сега, истиот тој ветер треба да врти ветерници за туѓи профити.

Деновиве, потпретседателот на Сојузот на стопански комори Орце Симов, зборувајќи на еден настан за зелената енергија имаше одлична поента: како државната ЕСМ со 4.500 вработени, која има и електроинженери и машински инженери и висококвалификуван и нискоквалификуван кадар, не може да гради ветерници, фотоволтаици, туку склучува јавно приватни партнерства со компании кои имаат 10 до 15 вработени за тоа го направат тие и да ги користат нашите природни ресурси? Притоа спомена дека договорите се такви што Македонија добива 18 отсто од произведената струја, а странскиот партнер 82 отсто. А ветерниците не се ни јавно приватно партнерство, па ни тие 18 отсто не ни се гарантирани.

Како шлаг на сè, оваа инвестиција се токмела уште од 2008 година. На неа многу се работело. На разни анализи работел тукашниот локален партнер Стефан Пулејковски, потврди Даниел Калдерон, коосновач и генерален директор на инвеститорот на ветерниот парк „Алказар енерџи“. Според него, најчесто локалниот партнер одработува голем дел од подготовките – анализи на земјиштето, на контекстот, на технологиите што треба да се применат, но не знаеше да каже ништо за тоа под какви услови тука тие ќе го користат земјиштето каде што ќе ги постават ветерниците.

Едно е јасно. Новата влада се фати за работа и ако сè оди како што треба, силниот ветер што ќе дува на потегот меѓу општините Карбинци, Радовиш и Штип, ќе биде продаден.
Што добиваме ние од тоа? Најверојатниот одговор што се наметнува поради неодговорените прашања е – магла!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот