Приватните превозници два дена ќе возат само наутро, од понеделник можеби „ич“

Фото: Принтскрин

Превозниците бараат да им се исплатат парите за извршениот превоз во изминатите месеци за да можат и понатаму да ја вршат услугата кон граѓаните, па до петок, како што велат, ќе возат само до 10 часот изутрина како предупредување кон градските власти, а потоа ќе одлучат што ќе прават понатаму.

Од утре уште повеќе ќе се влоши и онака лошата состојба во јавниот градски превоз затоа што приватните превозници во наредните два дена ќе возат само во утринските часови, а потоа можеби Скопје повторно ќе остане само со автобусите на ЈСП доколку не им се исплатат долговите, кои Градот и јавното сообраќајно претпријатие ги имаат кон приватниците.

Денеска приватните превозници соопштија дека бараат да им се исплатат парите за извршениот превоз во изминатите месеци за да можат и понатаму да ја вршат услугата кон граѓаните. До петок, како што велат, ќе возат само до 10 часот изутрина како предупредување кон градските власти, а потоа ќе одлучат што ќе прават понатаму.
Тие се пожалија дека пари не им се исплатени од јануари кога зеле само дел од средствата што им се должат, па во изминатите месеци услугите ги вршат со сопствени средства и со задолжување.

Долгот кон нас е огромен, немаме земено пари дел од јануари. Сите превозници што се зад мене се задолжени на сите бензински пумпи. Дел од превозниците имаат по бензинските направено и опомени пред тужба, некои се тужени. Ние ќе престанеме да возиме, уште ден-два ќе имаме редуцирано. Огромно извинување до граѓаните, нека не нè чекаат на овие горештини, оти немаме нафта – изјави вчера за медиумите превозникот Оливер Петрушевски.

Дел од нив имале средба со неодамнешниот директор на ЈСП „Скопје“, Крсте Петревски, кого градоначалничката Данела Арсовска го разреши пред една недела. Тој им ветил дека постепено ќе им се исплаќаат заостанатите средства и дека до септември целосно ќе им го исплати долгот. Но, по неговото разрешување, не се знае што ќе преземе новиот директор Драги Кушовски и дали ќе си ги добијат заработените пари, поради што се решиле на ваков вид предупредувачко возење, со само неколкучасовно вклучување на нивните автобуси во сообраќај.

Приватните превозници тврдат дека ЈСП не им платил од декември, долгот стасал до 2 милиони евра

Проблемите во јавниот градски превоз со кои граѓаните секојдневно се соочуваат траат веќе подолго време и не само што Арсовска и менаџментот на ЈСП немаат никакво решение за подобрување, туку ситуацијата сѐ повеќе се влошува. Автобусите се нередовни, се чекаат по половина час, а некогаш и повеќе, условите за превоз ужасни – граѓаните се превезуваат во нечисти, стари и неклиматизирани возила и кога надвор температурата е 40 степени.

Притоа, ниту од Град Скопје ниту од ЈСП не се огласија да соопштат дали нешто ќе се преземе да се нормализира превозот барем толку колку што дозволува возниот парк. За одржување на хигиената во возилата треба само поголемо ангажирање на менаџментот на претпријатието.

И додека Арсовска јавно се расправа со советниците што не ѝ дозволуваат Градот да се задолжи за набавка на нови автобуси, таа очигледно единственото решение покрај купувањето автобуси за подобрување на состојбата во ЈСП го гледа во смена на директори. Дали четвртиот поставен директор во претпријатието во рок од две и пол години ќе направи некоја промена?

„Слободен печат“ уште пред еден месец предупреди дека скопјани повторно ќе имаат сериозни проблеми со превозот затоа што ЈСП „Скопје“ не ги исполнува договорените обврски кон приватните превозници. Во разговор со еден од возачите дознавме дека долгот кон нив е два милиона евра.

 Од декември не ни се исплатени средствата за јавен превоз на патници, ЈСП веќе ни должи околу два милиона евра. Нафта не можеме да купиме! Одржуваме состаноци меѓу нас, приватните превозници, и се договараме што да преземеме понатаму. Едно од решенијата е во знак на протест да не возиме во прва смена. Некои колеги, како што слушам, веќе почнале самоиницијативно да прескокнуваат линии во утринските часови – ни раскажа тогаш нашиот соговорник.

За оваа информација тогаш не добивме потврда од ЈСП „Скопје“, но не го ни негираа ваквото тврдење на приватниците. Оттаму пред десетина дена стигна информација дека јавниот превоз функционира непречено и сите возила сообраќаат во согласност со важечкиот летен возен ред.

Конечно изгласани субвенции за ЈСП, скопјани нема да останат без автобуси

Од Градот и од ЈСП не се огласија ни сега откако приватните превозници го кажаа својот став. Нема информација навистина ли толку им должат на приватните превозници и кога планираат да ги исплатат парите.

А граѓаните ги интересира само едно – дали некогаш ќе дојде време кога превозот ќе се нормализира и кога ќе можат без проблеми да стигнат на работа и дома? Како што стојат работите, вакво нешто не се ни наѕира во блиска иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот