Премиере не го заборавајте народот

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Премиерот Мицкоски од првиот ден на функцијата најавува пријателски однос со бизнис-заедницата. Дефинитивно, таков однос и треба да има. На стопанството му треба предвидлива бизнис-клима, му треба соодветна помош, му требаат добри патишта, му треба вистински едношалтерски систем, му треба брз проток на граници. Стопанството е срцето на економијата. Ама народот е срцето на државата. И тука нема компромис

Кај нас секоја вест е вест само еден ден. Така, еден ден главна вест беше дека Владата ќе стокми есенска кошница со 100 производи на кои ќе им се ограничат цените, а веќе другиот ден вест е дека кошницата ќе почека за да се изнашло најповолното решение и за производителите и за трговците и за потрошувачите. Не се знае ни што ќе биде со Законот за нефер трговски практики, а тој закон цело време беше посочуван како спасоносна формула. Сега, премиерот Мицкоски вели дека нема да ги прави работите на сила, како што порано се правеле, па како што ќе каже Стопанската комора, така и ќе биде. Ако сакаат да се одложи примената на Законот за нефер трговски практики, ќе се одложел?!

Премиерот Мицкоски од прв ден најавува пријателски однос со бизнис-заедницата. Дефинитивно, таков однос и треба да има. На стопанството му треба предвидлива бизнис-клима, му треба соодветна помош, му требаат добри патишта, му треба вистински едношалтерски систем, му треба брз проток на граници. Стопанството е срцето на економијата.

ез моќно стопанство, нема ни добри плати, нема ни добра лична потрошувачка, нема ни полнење на државната каса. Но, и без задоволен народ нема ниту моќни фирми, ниту моќна држава.

Убаво е да се биде пријател со фирмите, но не треба да се заборави народот. Не може еден ден да се кажува: „Утре ќе биде готова кошницата“, а утредента да се кажува дека уште не дошла есен. Лесно му е на некој со 1.500 евра плата да го одложува поевтинувањето на сирењето од 400, на пример на 350 денари за килограм, но на некој со минимална плата од 22.567 денари, и тие 50 денари му се многу важни. И не само тоа. Многу е несериозно ако министрите заборуваат едно, а премиерот зборува друго, а тоа постојано го гледаме

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески дури најави и засилени контроли во пресрет на Законот за нефер трговски практики кој на сила треба да стапи на 28 септември. Тој утврди 26 случаи на нефер трговски практики во договори меѓу производителите, добавувачите и трговците поради големите проценти на рабат и до 40 oтсто, кои влијаат на крајната цена на производот, а тоа го плаќаат граѓаните. Сега Мицкоски мудрува, вели „едно зборувале производителите, друго кажувале трговците“. Но, праша ли некој од власта што вели народот? Каде е тој во приказнава? Па, наши иселеници во богати европски земји велат дека таму постојат маркети каде што има пониски цени од нашите. Најновата вест од министерот за економија Бесар Дурмиши стигна денеска – есенската потрошувачка кошничка со 100 производи ќе има рок од еден месец, цените нема да се ограничат, маржата ќе биде 10 проценти. Tој рече и дека нема да се прават само есенски и новогодишни кошнички, како што веќе беше најавено, туку ќе има и велигденска и рамазанска. Што значи ова – ем ќе се токмат нон-стоп кошници, ем ќе функционира Законот за нефер трговски практики? Или пак, ова значи дека Владата веке се откажала од Законот за нефер трговски практики затоа што се донесе во времето на СДСМ, па сега смислува кошници? Со Законот за нефер трговски практики требаше да се стави крај на разни монополски или непазарни договори. И тука во игра е ограничувањето на рабатот, односно намалувањето на продажната цена на одреден производ или услуга, што продавачот му го одобрува на купувачот. Со кошниците, требаше или да се ограничат цените, или да се намалат маржите, но која од овие две опции би се применила уште не е утврдено.

Водењето дневна и кампањска политика секогаш се удира од глава. Пред нешто да се каже јавно, треба добро да се размисли. Пред да се презентира идејата за кошницата, требаше да се извршат сите разговори, преговори, да се направат ценовни симулации. Ако министри, па и премиер може еден ден едно да кажуваат, утре друго, што останува за „обичните“ административци? Каде се авторитетите од кои треба да се учи? Владата е за сите. И за сиромашните и за богатите, и за стопанственицте и за работниците и за пензионерите. Нема простор за попријателско и помалку пријателско однесување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот