Предлог-иницијативата за уставни измени е доставена до Владата

Устав на РС Македонија / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Во Владата е доставена Предлог-иницијативата за уставните измени, што ја изготви Работната група од Министерството за правда.

Владата на седница треба да ја разгледа, а потоа и да ја достави до Собранието. По правило, Владата одржува редовна седница секој вторник, но засега нема информација дали предлог-иницијативата ќе се најде на дневен ред на утрешното заседание или ќе биде разгледана дополнително.

Министерството за правда минатата недела работеше на номотехничко прочистување на предлогот, а тој беше преведен и на албански јазик.

Работната група на седница одржана пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.

Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. Во Преамбулата после „… бошњачкиот народ“ се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарира Цаца Николовска. Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во Амандманот 34, кој е заменет со член 49 и Амандманот 2. Во овој Амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и Амандманот 2, после „… бошњачкиот народ“ исто така се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“.

Засега е неизвесно дали во Собранието ќе бидат прифатени уставите измени имајќи предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да ги поддржи. За носење на уставните измени е потребно двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници.

За в среда е најавена средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Како што соопштија од Владата, на средбата ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјата, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.

Претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела изјави дека постапката за уставните измени може да почне и паралелно да траат политичките разговори, имајќи предвид дека од доставувањето на Предлог-иницијативата до седницата мора да поминат 30 дена за да можат пратениците да ја разгледаат. Очекувањата се дека уставните измени би биле испратени во Собранието кон средината на овој месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот