Правната фела бара укинување на спорните измени во Кривичниот законик со кој застареа крупни кривични дела

14 сесија на Работната група 3 „Правосудство и основни права“ (Поглавје 23) на тема „Измените на Kривичниот законик од 7 септември 2023 година/Фото: Слободен печат

Стручната фела од областа на правото му препорачува на Министерството за правда итно да формира Работна група која ќе подготви измени и дополнувања на Кривичниот законик со цел да се стават вон сила одредбите од измените донесени во септември минатата година кои не се во согласност ниту со заложбите за борба против организираниот криминал и корупција, ниту со европските стандарди, а не се ни во духот на европските политики. На денешната дебата организирана од Националната конвенција за Европската Унија во РСМ, а во однос на поглавјето 23 од препристапните преговори со ЕУ кое се однесува на правосудство и основни права, експертите препорачаа и ревизија на кривичните дела за корупција, како и воведување на „злоупотребата при јавни набавки“ како посебно кривично дело.

– Седми септември 2023 година беше кобен ден за македонското правосудство. Тој ден Владата на чело со премиерот Ковачевски, коалицијата СДСМ-ДУИ направи тешко дело кое има негативни ефекти врз целиот правосуден систем на Македонија. Опозицијата иако не гласаше за измените на Кривичниот законик, не поднесе амандмани за законот. Со тоа активните кривични предмети запреа, а неактивните застареа. Сите случаи на корупција на високо ниво се поништија, а сторителите се на слобода. Сега да видиме дали новата владина коалиција која ветуваше борба против криминалот и корупцијата ќе постапи по сите свои предизборни ветувања – рече копретседавачот Мухамед Халили.

Септемвриските измени на Кривичниот законик за судијката Оља Ристова од Основниот кривичен суд Скопје се директно мешање на извршната власт врз судството.

– Вообичаено ова влијание преку разни механизми на власта се врши индиректно и потпомогнато со клиентелизмот на одредени носители на судските и јавнообвинителските функции. Но измените покажаа дека извршната власт директно се вмеша во работата на судовите. Овие измени директно влијаеја на исходот на кривичните постапки поврзани со високата корупција коишто беа во тек за многу функционери. Поголем дел од овие постапки беа запрени поради застареност на кривичното гонење. Застарувањето на кривичното гонење за овие високопрофилни случаи негативно се одрази на квалитетот на правосудните органи. Постојано се зборува дека судството има низок рејтинг, ниска доверба кај граѓаните, но тоа не е секогаш како резултат на работата на судиите. Има голем број на судии и обвинителии кои квалитетно си ја работат својата работа и едноставно не можете да ги ставите во онаа група кои не работат професионално и квалитетно и на некој начин се клиентелисти на власта и нивното постапување би било доведено во корелација со некои функционери – нагласи судијката Ристова.

Критиките на експертите се во насока на тоа дека спорните измени се донесени во Собранието по брза постапка, со злоупотреба на европското знаменње и без консултации со стручната фела, како и без знаење на Работната група која во претходните 4 години работеше на текстот на новиот Кривичен законик.

– Измените на Кривичниот законик кои се донесоа во време кога земјата беше под силни критики за корупција, деградирање на владеење на правото што дополнително фрли светлина врз исправноста во носењето и во одлуките без поширок консензус, и на политичко ниво и од стручната јавност – потсети професорката Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК.

– Овие измени на Кривичниот законик се парцијални и надвор од она што ние 4 години како Работна група за подготовка на нов Кривичен законик го работевме и на некој начин мене лично како правник и како кривичар ме погодува. Измените имаат сериозни консеквенци од она што од една страна е декларативна заложба на државата – борба против корупцијата, а од друга стана се ефектите кои отидоа сосема во спротивен правец. Поминаа и измените кои предизвикаа застарување на корупциски и слични дела и коишто едноставно кај граѓаните таа надеж дека борбата за правда, против корупцијата ќе биде ефикасна, ја намали – рече Александра Деаноска Трендафилова, професорка на Правниот факултет.

На денешната сесија се препорача проширената конфискација да биде предмет на нивелирање со цел да се изврши усогласување со европските директиви и да му се даде на обвинителството можност за конечен почеток на нејзината примена односно јавните обвинители секаде каде што е можно да пристапат кон постапката на конфискација во случај на фактички или правни пречки за гонење.

– Работната група долго време работеше на проширената конфискација во новиот Кривичен законик, согласно европските директиви и она што е нелегално стекнато да се врати назад и државата и граѓаните да имаат профит на некој начин и повторно да се воспостави правдата. Со септемвриските измени обвинителството може само за помал број на кривични дела и осуди да оди во општо размислување, истражување на потекло, во делот на проширена конфискација, значи се стеснува тој круг на кривични дела за кои може да се постапува и ефектот ќе биде спротивен на она што го очекуваме – нагласи проф. Деаноска Трендафилова.

Меѓу препораките во иднина се и одговорност за подносителите на вакви штетни иницијативи, како и мерки кои ќе дадат поцврсти гаранции дека вакви решенија нема да се случат повеќе и да не може вакви измени да влезат во Собрание без мислење на Работната група при Министерството за правда. Меѓу предлозите беше и оној на судијката Ристова да се најде начин да не застаруваат кривичните дела, со што останува чувството на неказнивост на високи функционери, а огромни се и штетите врз буџетот на државата поради исплата на трошоци за обвиненија кои застариле.

– Намерно се одолговлекуваат постапките од некои судии или пак се носеа ослободителни пресуди кои потоа беа потврдени од повисоките судски инстанци и токму овие судии напредуваа во кариерата – укажа судијката Ристова.

Зборувајќи за политичкото влијание врз романските закони од кривичната сфера со кои се регулира злоупотребата на функцијата, професорот Кристијан Дуку од Романија ги повика македонските колеги секој ден да се борат за вистински закони затоа што тие се чувари на јавниот интерес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот