Правило од 7 секунди кое мора да го знаат сите сопственици на кучиња за време на жештините

Фото: Pexels / Zen Chung

Во текот на летните денови кога температурите достигнуваат и до 40 степени Целзиусови, сопствениците на кучиња секогаш се прашуваат дали да ги изнесат нивните миленици надвор.

Ако сте решени да го шетате вашето куче за време на високи температури, прво проверете дали е безбедно, бидејќи нивните шепи лесно можат да изгорат на жешкиот асфалт. Иако е важно кучињата да се шетаат и да бидат активни, топлината сепак може многу да им наштети.

Но, колку навистина е жешко за да го шетате кучето? Експертите препорачуваат да го користите таканаречениот тест од седум секунди пред да излезете надвор со вашето домашно милениче, пишува „Кантриливинг“.

Сè што е потребно е да ја ставите дланката на асфалтот и да ја држите седум секунди. Ако не можете да издржите и морате да ја тргнете дланката пред да поминат седумте секунди, тогаш јасно е дека и на вашето куче ќе му е премногу жешко за да оди по него.

Препознајте ги знаците дека шепите на вашето куче се изгорени:

– Кучето куца или одбива да оди
– Кучето ги лиже или „џвака“ шепите
– Перничињата на шепите се со потемна боја отколку вообичаено
– Недостасува дел од кожата на шепата
– Траги од изгореници на шепите
– Плускавци или црвенило

Ако забележите некој од овие знаци, треба да го однесете вашето куче на ветеринар. Советот на експертите е кучињата да се шетаат рано наутро или кога ќе зајде сонцето и да не се шетаат на директна сончева светлина.

„Кога времето ќе стане екстремно топло, се ‘топат’ и тротоарите, особено асфалтот. Затоа, кога го шетате вашето куче, само запомнете дека тие немаат чевли за да се заштитат. Иако нивните шепи се цврсти, жешките површини можат да ги изгорат. Добра идеја е да се држите подалеку од улицата и да ги шетате каде што има трева“, вели ветеринарот Мат Шпигл.

За да го заштитите вашето куче од топлина, избегнувајте долги патувања со автомобил при силна сончева светлина. Обезбедете им многу вода и сенка во текот на денот. Доколку сакате, можете да им купите и специјализирани јакни и елеци за кучиња кои имаат функција за ладење. Ако имате двор, наполнете базенче со вода, за да може во секое време да се разладува. Обрнете посебно внимание ако вашето куче има тешкотии со дишењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот