Пратеници, срам да ви е!

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Да се користат максималните 15 дена што ги дава собранискиот Деловник за дискусии за ребалансот и да се повторува едно исто за да се ќарат политички поени, додека фирмите и народот го чекаат четвртиот економски пакет мерки, е непрофесионално, неодговорно и безобразно.

Ребалансот на Буџетот се носеше со една цел – да се резервираат пари за четвртиот пакет економски мерки во кој е предвидена помош – исплата на плати, како круцијална мерка, но и бескаматни кредити, државни банкарски гаранции, кредитни картички… Без ребалансот и без посебна регулатива за секоја мерка – нема исплата.

Тоа на пратениците им е многу јасно. Но, по сѐ изгледа, не им е гајле што некој чека плата, што некој се двоуми дали да земе бескаматен кредит, или да стави клуч на врата, што некој се крсти во помош од државата. Ним им е само важно да кажат, онака како што им е партиски делегирано, што не чинело кај претходните, што нема да чини кај идните, како било во нивно време, како можело да биде поинаку… И, да го искористат максимумот што им го дава Деловникот, па за ребалансот да дискутираат цели 15 дена. За ребаланс кој е на крај на годината, кој не е ни за нови училишта, ни за нови патишта, туку за здравствено-економската криза. Е, па, пратеници, од каде и да сте, сите што непотребно ја узурпиравте говорницата, сите што потрошивте од драгоценото време и пари на народот, срам да ви е!

Една многу добра порака им упати претседателката на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Данела Арсовска: ќе имате 4 години да се карате, дајте донесете го ребалансот и законот за финансиска помош!

Ама, кому да му кажеш. Знае ли пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, колку безобразно звучи тоа што партијата поднела 170 амандмани за ребаланс на буџет, кој и онака почна задоцнето заедно со најавата на четвртиот пакет? Ми се чини дека нема поим. Дури и се гордееше, оценувајќи го тоа како активно учество во подобрување на ребалансот на Буџетот. Секако дека опозицијата не треба да молчи, дека треба да доставува амандмани и гласно да зборува од говорница и да биде коректор на власта, но се треба да биде во функција на народот, а не во функција на добивање поени, и тоа кај своето партиско раководство, а не кај оние што ги бирале.

Од собраниската говорница, почнувајќи од комисиските расправи, па се до гласањето на ребалансот, деноноќно се повторуваа исти реченици. Точно, требаше да се каже дека била слаба реализацијата на претходните три пакети, требаше да се каже за здравствените капацитети што никако не се изградија, но тоа да се повторува на секои 20 минути, а платите на работниците да доцнат?! И да се узурпира собраниската говорница за тоа каква е канализацијата, или патиштата во некое населено место, сега кога се крои буџетот за 2021 година, е крајно непрофесионално и неодговорно.

Извинете, пратеници, ама не ве биравме за да ни го трошите времето и парите. Туку да бидете ефикасни, да носите разумни одлуки, интересот на народот да ви е пред партискиот. Така барем посакувавме. Не верувам дека некој очекуваше таков пресврт во сфаќањата и такво однесување на собраниската говорница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот