Познатиот германски музичар Schiller пред настапот во Битола: За првпат во кариерата ќе настапам на стадион

Фото: Слободен печат/Васка М.Младеновска

Се е подготвено за вечерашниот музички спектакл на градскиот стадион во Битола „Петар Милошевски“ за свеченото отворање на годинашното 16. по ред Битолско културно лето „Битфест 2024“ и „The Stars Symphony “.

Светски познатиот германски електронски музичар Schiller, на денешната прес-конференција рече дека во неговата музичка кариера за првпат ќе настапи на стадион и ќе ја пушта неговата авторска музика.

-Не ми е првпат да сум во Македонија, но, за првпат ќе настапам во Битола. Од млада возраст почнав да се занимавам со музика и секогаш бев во потрага по совршената музика за мојот вкус, но, некако не можев да ја најдам и затоа се одлучив самиот да создавам музика. Многу ја сакам електронската музика и сакам да ја мешам со вокали и со инструменти и мојата музика сакам да ја мешам со различни музички стилови. После вечерашниот настап во Битола, за жал, ќе морам да заминам од Македонија, бидејќи ме очекува настап во Германија, но, затоа пак дојдов неколку дена порано и имав одлична можност да ги видам Скопје и Охрид. Охрид го доживеав како едно скриено богатство, што го доживуваш за самиот себе, но, кога ќе се вратам дома на сите ќе им ги пренесам моите импресии-изјави Schiller и додаде дека ова искуство за него ќе биде многу посебно.

-Иако музичкото шоу сè уште не е започнато, убеден сум дека ќе биде незаборавно. Секој концерт за мене е уникатен. Неодамна имав концерт во Украина и публиката таму ме воодушеви-додаде тој.

Фото: Слободен печат/Васка М.Младеновска

Вечерва заедно со германскиот музичар ќе настапи и Лав Итоја од Нигерија која од публиката очекува позитивна енергија и незаборавно музичко доживување.

Покрај нив на сцената на „The Stars Symphony“ ќе настапат и Каролина, Констракта, „Суперхикс“, „Паркети“, „Пиг & Дан“,

„Brass Brothers“, а за загревање, присутните ќе уживаат во музиката на DJ Ile the Hair и DJ Boc.A.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека очекуваат над три илјади посетители на стадионот „Петар Милошевски“.

– Картите за вечерашниот музички спектакл се речиси продадени. Битола и онака е преполна со туристи, очекуваме посетители покрај од околните градови и гости од Грција. Битолското културно лето ќе трае до крајот на август. Тука се традиционалните манифестации „Илинденски денови“, „Локум фест“, „Битолино“, а ќе се објави и Јавен повик за културните настани што ќе се одржуваат во август во рамките на „Битфест“-рече на прес-конференцијата Коњановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот