Повторно закана со протест на возачите на автобуси: Зошто ЈСП не ги исплаќа навреме платите?

Јсп/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Од раководството на ЈСП нема објаснување зошто постојано си поигруваат со трпението на вработените и на граѓаните и зошто доколку имаат пари за плата, не ја исплаќаат навреме туку со ден-два задоцнување, колку да ја вознемират јавноста.

Само еден ден по законскиот рок за исплата на плати, вработените на ЈСП се заканија дека ќе организираат протести и ќе блокираат барем една крстосница во Скопје, доколку не ја добијат платата за август која до 15 септември требала да им „легне“ на сметките.

На предупредувачкиот протест пред дирекцијата на ЈСП и на прес-конференцијата на Синдикатот на приватниот, административниот и јавниот сектор СПАЈС при Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, дел од вработените се пожалија дека две години се соочуваат со ваков проблем, но и со притисоци од раководството. Како што велат немаат никакво објаснување зошто нивните плати секој месец доцнат.

Немаме конкретен одговор која е причината и зошто платата, која е законски регулирана и треба да е исплатена до 15-ти во тековниот месец, сѐ уште не е исплатена за вработените во ЈСП Скопје. Станува збор за повеќе од илјада вработени, кои возат милион граѓани, ученици, професори, наставници, директори и така натаму. Замислете тие немаат земено плата – посочија од СПАЈС.

Оттаму тврдат дека вработените имале закани од раководни луѓе, дека им правеле тортура на работните места, а за тоа на колкави притисоци се изложени, говорел и фактот дека дел од вработените не дошле на денешниот предупредувачкиот протест.

Истите закани и најава за протести од синдикатите на ЈСП стигнуваат на неколку месеци, по што на вработените им се исплаќаат платите, но граѓаните, кои исто толкав период имаат проблеми со јавниот превоз, се изложуваат на дополнителни и непотребни грижи дали ќе останат наредниот ден без превоз до работа или до училиште.

Редовно сообраќаат автобусите на ЈСП „Скопје“, вработените денеска ќе ја добијат јануарската плата

Во јануари годинава, поради неисплатена декемвриска плата, автобусите запреа да возат во 9 часот наутро, а потоа возачите се „преселија“ пред бараките на Град Скопје за да извршат притисок врз советниците во Советот на Градот, кои на вонредна седница требаше да гласаат за субвенции за јавното сообраќајно претпријатие. Во таква атмосфера и со голема поддршка од градоначалничката Данела Арсовска на протестантите, субвенциите од 11 милиони евра беа изгласани и со нив, всушност, се обезбедија доволно пари за исплата на плати за вработените во претпријатието до крајот на оваа година.

Но, еден месец потоа платата повторно им доцнеше и уште попладнето на 15 февруари од синдикатот на ЈСП се заканија – нема плата, нема возење!

Не се договоривме така со градоначалничката, со директорот. Советот на Град Скопје си ја заврши својата работа, ја донесе одлуката за субвенции. Остана сега парите да се префрлат и платата да си биде во редовен рок. Меѓутоа, бидејќи чекаме до 14:30 часот кога е последниот миг да се префрлат парите во ЈСП и да легнат на сметката на вработените, тоа не се случи. Вработени експресно реагираа и ги информираме граѓаните дека вработените одлучија утре јавен градски превоз да нема, посочи тогаш претседателот на еден од трите синдикати во ЈСП, Миќо Стојановски.

Платата експресно им беше префрлена на сметките, а од раководството на ЈСП ни тогаш ниту сега нема објаснување зошто постојано си поигруваат со трпението на вработените и на граѓаните и зошто, доколку имаат пари за плата, не ја исплаќаат навреме туку со ден-два задоцнување, колку да ја вознемират јавноста.

Во меѓувреме состојбата со јавниот превоз не е подобрена, иако месецов во сообраќај се пуштени повеќе автобуси, кои сепак се недоволни за нормално функционирање на градскиот превоз. Набавка на нови автобуси нема поради веќе познатите расправии и недоразбирања помеѓу градоначалничката Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, па наместо тоа се прават обиди некои од расипаните возила да се поправаат и да се пуштаат во сообраќај. Поради тоа, честопати се случува автобусите да „колабираат“ во текот на возењето.

Недоразбирањата меѓу ЈСП и советниците ќе „удрат“ по граѓаните: Ако до понеделник нема субвенции, ќе нема ни автобуси

Возачите од друга страна, повеќепати се пожалија дека трпат притисоци од раководството, но и дека во сообраќај се пуштаат и неисправни автобуси, информација што ЈСП „Скопје“ редовно ја демантираше.

И во такви услови на хаотичен јавен превоз, старите и дотраени автобуси претпријатието ги опреми со нови валидатори, чија набавка и одржување според неофицијални податоци чини околу 2,5 милиони евра.

И за валидаторите и за потребата од нивното поставување токму сега, објаснување од ЈСП досега нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот