Повисока цена за изминат километар или нема автобуси претпладне: Приватниците повторно не возат редовно

Јсп/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Во услови кога и автобусите на ЈСП функционираат редуцирано и со непочитување на возниот ред, недостигот на приватни автобуси уште повеќе го зголемува проблемот. Од Град Скопје и за ова вината ја насочија кон ВМРО-ДПМНЕ, посочувајчи дека приватните превозници со години се заложници на политичкиот дилетантизам на оваа партија.

Приватните превозници повторно ги оставија скопјани без нивните автобуси. Без никаква најава од вчера повторно не возат, поточно возат без почитување на утврдениот возен ред, само после 17 часот. Вообичаениот возен ред ќе го почитувале само викендов, а од понеделник повторно ќе возат редуцирано, само попладне. И тоа така ќе било сѐ додека Советот на Град Скопје не ја стави на дневен ред точката за покачување на цената која ЈСП им ја плаќа за изминат километар.

Ова се неофицијалните информации кои стигаат од возачи на приватните автобуси. Ниеден официјален претставник од трите здруженија на приватни превозници коишто пред две години склучија договор со Град Скопје за редовно опслужување на јавниот градски превоз,  не излезе јавно да им соопшти на граѓаните што се случува, до кога вака ќе се однесуваат и дека ќе немаат автобуси кога им се најпотребни – во текот на работниот ден.

Во услови кога и автобусите на ЈСП функционираат редуцирано и со непочитување на возниот ред, недостигот на приватни автобуси уште повеќе го зголемува проблемот.

Од Град Скопје и за ова вината ја насочија кон ВМРО-ДПМНЕ.

Градот Скопје, граѓаните на градот Скопје, па и приватните превозници со години се заложници на политичкиот дилетантизам на ВМРО ДПМНЕ. Имено, за вчерашната седница на Советот на град Скопје приватните превозници до претседателот на Советот Трајко Славевски испратиле барање за зголемување на цената на услугите. Ова барање Славевски одбил да го стави на разгледување пред советниците, што е причина за револтот кај приватните превозници денес. Скопје е заложник на политичка група, која секојдневно водена од намера да предизвика што поголеми проблеми за скопјани, бидејќи секој успех на Градот тие го сметаат за свој неуспех – велат од Град Скопје.

На вчерашната седница на Советот на Град Скопје, на која меѓу другото се расправаше и за доделување на дополнителни субвенции на ЈСП за исплата на плати, советниците побараа одговор од директорот на ЈСП Драги Кушовски за проблемот со приватните превозници, за тоа колкав е долгот на ЈСП кон нив, со колку автобуси возат и други прашања. Кушовски иако беше присутен во салата, не излезе на говорницата за да даде какво било објаснување.

На проблемот со ниските цени за изминат километар укажа советничката Халиде Палоши од ДУИ.

 Добив информации дека приватните превозници го прекинале превозот. Кој ќе сноси одговорност и ќе излезе пред граѓаните да каже точно каде е проблемот, кои се причините. Тие прашања ги поставувам и јас и го повикувам директорот на ЈСП да излезе и да објасни каде е проблемот во врска со бојкотот на приватните превозници. Знам дека во изминатите осум години нема ниту една промена во плаќањето за изминат километар и дали е логично толку време при оваа економска криза, со исти цени од 60 денари за километар да се продолжи работата. Поради тоа предлагам да се зголеми износот за плаќање, да се направи соодветна анализа и да помогнеме – рече Палоши.

Проблемот со приватните превозници не е денешен, тие со месеци возат кога сакаат и прекинуваат со работа исто така кога сакаат. Најпрво тоа беше поради тоа што Град Скопје и ЈСП со месеци не им исплаќале за услугата што ја вршат, а сега поради барањето за зголемување на цената за изминат километар.

Град Скопје им исплати дел од долгот на приватните превозници

На почетоков на месецот приватните превозници соопштија дека постигнале договор со ЈСП и повторно ќе возат, откако им биле префрлени 80 проценти од долгот или 40 милиони денари за пакет 1. Тогаш тие посочија и дека се преговара и за цената за километар.

Очекуваме на првата седница на Град Скопје да биде ставена како точка на дневен ред. Советниците на Град Скопје ќе мора да одлучат дали ќе ги прифатат нашите барања за километарот да биде рентабилен и да можеме во иднина да го обновиме возниот парк и да ги плаќаме шоферите со подобра плата за да не ни бегаат, посочи тогаш претставникот на превозниците Оливер Петрушевски.

Тие бараат цената за изминат километар да се зголеми од 60 на 90 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот