Потрошени се половина милијарда евра за разни тендери што поминале само со една понуда

Минатата година се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 проценти повеќе од претходната година. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда.

Јавната потрошувачка го стимулира развојот на економијата, но истовремено може да биде и голем извор на корупција. Центарот за граѓански комуникации што редовно ги следи најавените набавки, анализирајќи ја минатата година, поентираше дека јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. „Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 проценти повеќе од претходната година. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар. Оваа состојба го зголемува ризикот дека со тендерските постапки не е добиена најдобрата вредност за потрошените пари“, пишува во Извештајот за мониторингот на јавните набавки во 2023 година.

Според извештајот, околу половина милијарди евра се одобрени за тендери во кои имало само еден понудувач. Но, во јавноста многу често имаше и критики за разни тендери што биле поништени, а обично тогаш обвинувањата беа од типот „Кога не ти се допаѓа понудувачот, поништи го тендерот“.
На официјалната страница на Бирото за јавни набавки има многубројни огласи. Се побарува сè и сешто за да може да функционираат болниците, за да може да се гради, да функционираат институциите… Колку за илустрација, во списокот на објавени склучени договори годинава се евидентирани набавката на дезинфекциски средства и хемикалии за болница за 7.000 евра, изградба на пречистителна станица 1 милион евра, за сервисирање на стоматолошка и лабораториска опрема 7.000 евра, набавки на пумпи за водовод 10.000 евра….

Без сите овие набавки не може да функционира општеството, но Центарот за граѓански комуникации во мониторингот за 2023 година открива дека јавните набавки не функционираат како што треба.

„Зголемен е бројот на тендерски постапки во кои е добиена една понуда со цена што е идентична со проценетата вредност на тендерот. Совпаѓањето на вредностите е симптоматично затоа што процената вредност на овие тендери не била јавно објавена и таа е наведена само во одлуките за јавни набавки, кои не се јавно достапни документи. Во секој четврти тендер што беше предмет на мониторингот, не беше наведена количината на набавката. Ваквото постапување е извор на сериозни манипулации и овозможува лесно ‘местење’ кој да го добие тендерот. Ненаведувањето на количините на предметот на набавката е во спротивност со законски утврденото начело на економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства и доведува до тоа договорот да се склучи со цени што се повисоки од реалните на пазарот“, пишува во Извештајот.

Она што е најфрапантно е што самите вработени во секторите за јавни набавки во институциите сметаат дека има корупција. Во спроведената анкета од Центарот за граѓански комуникации, така се изјасниле дури 41 процент. И 51 отсто од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат дека во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 проценти од компаниите вклучени во истражувањето.

Општините ги зголемиле јавните набавки за 40 проценти

 

Само за една година, вредноста на јавните набавки на 80-те општини и Градот Скопје е зголемена дури за 46 милиони евра, односно за 40 отсто во споредба со претходната година.
Најголеми зголемувања на јавни набавки имале Град Скопје, Карпош, Сарај и Гази Баба. Сите општини во земјава склучиле вкупно 4.020 договори за јавни набавки во износ од 10 милијарди денари, односно 164,5 милиони евра. Иако договори за јавни набавки се склучени со 1.245 фирми, само на 10 фирми им припаднале 26 проценти од вкупната вредност на тендерите. На врвот според вкупната вредност на договорите е снабдувачот со електрична енергија „Енерџи деливери солушн едс Скопје“ со вредност на договорите од 727 милиони денари, односно околу 11,8 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот