Постоел 40 милиони години пред диносаурусите: Откриен фосил од џиновски саламандер со остри заби

Фото: Принтскрин / Икс / Ј.Пардал

Научниците открија фосилизирани остатоци од џиновски предатор налик на саламандер со остри заби за кои се смета дека владееле со водите пред да пристигнат првите диносауруси. Животното, велат истражувачите, е старо приближно 272 милиони години, пренесува „ЦБС“.

Наодите беа објавени вчера во списанието „Нејчр“ (Nature). Истражувачите овој вид го нарекоа „Гајсија џенјае“ / „Gaiasia jennyae“, според геолошката формација Гаи-ас во Намибија, каде што беше пронајден фосилот, и Џени Клак, палеонтолог кој проучуваше како ‘рбетниците мигрираат од вода на копно.

„’Гајсија џенјае’/’Gaiasia jennyae’ бил значително поголем од човекот и веројатно живеел во близина на мочуриштата и езерата. Овој вид имал голема, рамна глава, огромни остри заби“, рекол Џејсон Пардо, постдокторски соработник во музејот „Филд“во Чикаго и еден од водечките автори на студијата.

Предаторот чиј череп бил долг 60 сантиметри, најверојатно ја користел својата широка, рамна глава и предни заби за да го совлада и џвака пленот.

Фосилните остатоци од четири суштества собрани пред една деценија беа анализирани во студијата, вклучувајќи делумен череп и ‘рбет. Утврдено е дека животното постоело околу 40 милиони години пред еволуцијата на диносаурусите.

Иако овој вид бил водно животно, можел да се движи на копно, но бавно. Видот припаѓал на суперкласа животни наречени тетраподи. Тие се четириножни ‘рбетници кои се искачиле на копното со прсти наместо со перки и еволуирале во водоземци, птици и цицачи, вклучително и луѓе.

Повеќето рани фосили на тетраподи доаѓаат од врели, праисториски мочуришта на јаглен долж екваторот во она што сега е Северна Америка и Европа.

Но, овие најнови остатоци, кои датираат од пред речиси 280 милиони години, се пронајдени во она што е денешна Намибија, област во Африка која некогаш била покриена со глечери и мраз. Откритието е голема победа за палеонтолозите кои продолжуваат да составуваат како светот еволуирал за време на Пермскиот период.

„Фактот што го најдовме овој фосил на далечниот југ ни кажува дека таму постоел екосистем кој можел да ги поддржи овие многу големи предатори. Колку повеќе гледаме, толку повеќе одговори може да најдеме за овие главни животински групи што ги проучуваме, како предци на цицачите и модерните влекачи“, заклучил Пардо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот