Последици од атентатот врз Трамп: Америка за милиметри избегна граѓанска војна

Вооружени припадници на групата Бугалу бојс пред Капитолот на Вирџинија - Фотографија ЕПА, Семјуел Корум

Во толку интензивно поларизирано општество, како американското денес, ако куршумот завршел во главата на Трамп, а не во работ на увото, тешко дека некој би можел да спречи бесот да еруптира во општа пресметка на двата главни политички табори во земјата – оние што се за Трамп и оние што се против него

И претседателот Џо Бајден и неговиот претходник и предизвикувач Доналд Трамп повикаа на смирување на страстите и на градење ново единство, по атентатот во кој републиканскиот претседателски кандидат беше ранет во увото.

Додека Федералната полиција спроведува истрага за да ги утврди мотивите на младиот атентатор Томас Метју Крукс, итно ликвидиран од снајперистите, а стручњаците ја преиспитуваат работата на Тајната служба, задолжена за обезбедување на претседателите, и актуелниот и поранешните, многумина аналитичари укажуваат дека Америка буквално за милиметри се спасила од граѓанска војна. Тие предупредуваат дека во толку интензивно поларизирано општество, ако куршумот завршел во главата на Трамп, а не во работ на увото, тешко дека некој би можел да спречи бесот да еруптира во општа пресметка на двата главни политички табори во земјата – оние што се за Трамп и оние што се против него.

Последиците од атентатот се далеку од наивни – на претседателскиот кандидат на републиканците му профуче куршум покрај главата, еден посетител на собирот е смртно ранет, а прострелани се уште двајца. Истрагата би требало да даде макар и површни информации за мотивите на атентаторот, но се предупредува дека постојат многумина преполни со оружје и со гнев кон политичките противници, поради што е реална и голема опасноста кампањата да генерира нови престрелки со жртви.

– Не е изненадување тоа што во атмосфера на толку остра политичка поларизација во САД луѓето ќе посегнат по насилство – вели за порталот „Конверзејшн“ Ери Перлигер од Универзитетот на Масачусетс.

Прв истрел од нова граѓанска војна

Првото на што тој помислил кога ја слушнал веста за атентатот било дека може да почне граѓанска војна.

– Ако раните на Трамп беа фатални, нивото на насилство што сме го виделе доега ќе биде ништо во споредба со она што би се случувало во следните месеци. Тоа ќе ослободеше ново ниво на бес, фрустрации, одмазда и непријателство, какво што не сме виделе многу, многу години наназад во Америка. Следбениците на Трамп и оние од крајната дасница би го сметале атентатот како насилен обид да бидат исфрлени од политичкиот процес. Тоа се поклопува со наративот што веќе го имаат конструирано и масовно го разгласуваат во изминатите неколку месеци – вели Перлигер.

Тој објаснува дека секој атентат всушност е „обид по кратка постапка да се порази политичкиот противник и да се остварат сопствените политички цели на брз и ефикасен начин, без многу средства и организација“.

Перлигер смета дека конзервативниот блок драматично е променет по 2016 година, кога Трамп се кандидираше како републиканец и победи на изборите. Во тој периот „трампизмот почнал да ја јаде републиканската идеја“.

– Многу од карактеристиките на трампизмот сега се многу популарни во конзервативното движење. Дури и кога еден ден Трамп ќе се повлече, пакетот на популистички идеи што се поврзуваат со него ќе остане меѓу републиканците. Но, може да разберам зошто луѓето што го сметаат тоа за закана може да чувствуваат дека отстранувањето на Трамп ќе ги реши тие проблеми – додава Перлигер.

Нова ера на политички насилства

Питер Спигел од „Фајненшл тајмс“ исто така стравува дека атентатот врз Трамп може да биде почетна точка на нова ера политички насилства.

– На Америка политичкото насилство не ѝ е туѓо. Тоа си ја покажувало својата глава застрашувачки редовно, во времиња на екстремна поларизација во историјата – потсетува Спигел.

Тој додава дека во оваа кампања и демократите и републиканците го користат стравот за да ги мотивираат гласачките бази и дека и двете партии ги предупредуваат своите симпатизери дека „победата на противничкиот кандидат во ноември би значело крај на Америка како што ја познаваат“.

Наведувајќи ги низата атентати во периодот од 1968 до 1972 година, тој се прашува „како воопшто оваа земја не се растргнала“.

– Радикалите од левицата организираа протести против Виетнамската војна, а екстремистичките антивоени групи подметнуваа бомби за да поттикнат револуција. На десната страна, убиството на Кинг беше кулминација на децениската оргија на насилства врз Афроамериканци и борци за човекови права – потсетува авторот во „Фајненшл тајмс“.

Тој период на екстремна поларизација се смирил до 1976 година, кога политиката повторно станала здодевна, а тоа не го промениле дури ни истрелите врз претседателот Роналд Реган во 1981 година.

– Лекцијата е дека американската демократија веќе се потврдила како отпорна. Лесно е да се заборави дека САД претрпеа крвава граѓанска војна, по која беше убиен претседателот (Абрахам Линколн), но само една генерација подоцна се наметна како најважната економска сила на глобалната сцена. Да се надеваме дека гласовите на умерените Американци, кои беа надвикани од екстремистите од двете страни, ќе го искориатат ова за да се вратат во политичката арена. Од ова зависи иднината на земјата – заклучува Спигел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот