Полска прогласува национална катастрофа поради поплавите

Евакуација на поплавеното Место Јесеник во Чешка - Фотографија ЕПА, Мартин Дивишек

Полската влада ќе прогласи состојба на природна катастрофа поради поплавите што ја погодија земјата и однесоа најмалку еден човечки живот, најави премиерот Доналд Туск.

Објавувањето природна катастрофа ќе ѝ овозможи на владата да преземе финансии и средства од Спасувачкиот механизам на Европската Унија, кој располага со флота специјализирани авиони и хеликоптери, медицински резерви, полски болници, агрегати и транспортни средства.

Полскиот град Клоѕко е под вода – Фотографија ЕПА, Мачиеј Кулчински

Состојбата е особено тешка во југозападните региони на Полска. Илјадници жители на многу места околу Прудник се повикани итно да се евакуираат, бидејќи се очекува надојдените води да урнат уште една брана.

– Повикот е многу сериозен, не губете време на колебање, мора да заминете. Ако биде пробиена браната, вашите домови ќе бидат уништени, а вашите животи ќе бидат загрозени – порача во видео-обраќање до жителите Радослав Рошковски, претставник на локалните власти во Прудник.

Претпладнето веќе попушти браната кај Строније Шлаские, по што водата ги отсече сите копнени приоди кон градот. Војската беше ангажирана за евакуирање на жителите со хеликоптер и чамци.

Ситуацијата е критична и во Чешка. Во Јесеник во изминатите три дена наврнале 435 литри дожд на квадратен метар. Се предупредува дека водостојот на реките уште повеќе ќе се зголемува, бидејќи метеоролозите и за утре предвидуваат силни врнежи.

Заменик-градоначалникот на Крнов изјави дека под вода се 80 отсто од градот со 23.000 жители. Гувернерот на Моравија-Шлезија, Јозеф Белица, изјави дека армијата е повикана да обезбеди вода за пиење и хигиенски производи, бидејќи голем дел од градот е непристапен и за противпожарните екипи.

Најмалку седум лица во Централна и во Источна Европа загинаа во поплавите и лавините предизвикани од циклонот Борис. Во Романија загинаа пет лица, во Полска едно, а во Австрија загинал пожарникар при спасувачка операција. Уште неколку лица во Полска и во Чешка се исчезнати.

Поплави ѝ се закануваат и на Виена – Фотографија Профимедиа

Регионот околу Виена во Австрија е прогласен за зона погодена од катастрофа. Поплавени се многу предградија и квартови од главниот град.

Будимпешта веќе презема мерки за да се спречи излевање на Дунав, бидејќи се очекува рекордно висок водостој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот