Политичките ривали во Бугарија едногласно ја поддржаа Декларација за осуда на македонските власти

Бугарски Парламент/Фото Архива на Слободен печат

Неуспехот на Македонија да одржи чекор со соседна Албанија на европскиот пат, ја обедини бугарската политичка елита која наредниот месец одново ќе оди на предвремени парламентарни избори во седми обид да се создаде стабилна владина коалиција која ќе управува со државата наместо техничка, каква што функционира последните три години.

Лутите политички ривали кои денеска во бугарското Народно Собрание присуствуваат на последниот работен ден на законодавниот дом поради почетокот на изборната кампања едногласно ја поздравија одлуката на Европската Унија за зелено светло за Тирана за продолжување на преговарачкиот процес со ЕУ, додека Македонија ќе мора да си ги исполни обврските и да ги внесе Бугарите во Уставот ако сака да продолжи по патот кон ЕУ.

Собраниската комисија за надворешна политика едногласно одобри предлог-декларација во врска со систематското и методично уништување на дијалогот меѓу РСМ и Република Бугарија и провокативните и навредливи изјави кон Бугарија од страна на македонските власти. Членовите се собраа на итна затворена седница која траеше скоро 2 часа.

Предлог декларацијата потоа ќе биде доставена и на разгледување во пленарната сала на Народното Собрание.

По завршувањето на расправата , претседателот на комисијата за надворешни работи, Бојко Борисов, изјави:

„Најважното нешто што го даваме со сите наши колеги овде е бугарските политичари, бугарската држава, сите партии да бидат обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и секој што ќе го прекрши треба да сноси одговорност, рече Бојко Борисов по седницата на собраниската Комисија за надворешни работи со која тој претседаваше.

Пред почетокот на седницата Борисов и другите политички лидери во бугарскиот парламент испратија свои пораки до македонските власти.

-Сакам да го уверам бугарскиот народ дека се што направивме во ЕПП, во ЕУ и во ЕК, многу добро сме слушнале. Така функционираат европските институции. Тие не се закануваат, тие не навредуваат, а резултатот е дека Албанија оди напред, го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од РСМ мора да го издржат или да го издржат она што нивното однесување им го создаде до денес, рече лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов кој претседава со собраниската на Комисијата за надворешна политика.

Копретседавачот на коалицијата ПП-ДБ Кирил Петков кој беше и последен легитимен премиер на Бугарија и во чиј мандат францускиот предлог стана дел од преговарачката рамка за Македонија, па го пофали својот политички потег.

-Францускиот предлог испадна многу добар за Бугарија. Реално, целата ЕУ застана на страната на Бугарија и РСМ мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот Устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен, рече Петков.

Претседателот на десничарската партија Преродба Костадин Костадиов нагласи дека сега пред Република Северна Македонија се два можни правци – или ќе го признае присуството на Бугарите како главен државотворен елемент на својата земја и ќе ги вклучи во својот Устав или ќе остане надвор од преговарачкиот процес

-Македонската држава, особено по изборите, одбива да ги исполни договорите и со Бугарија и со нашите партнери во ЕУ. Очигледно е дека требаше да се донесе ваква одлука за да се покаже дека ако не сакаш да ги почитуваш договорите, очигледно и другата страна нема да се држи до договореното што ги имаше со тебе, рече Костадинов.

Борислав Гуцанов, претседател на пратеничката група на „БСП за Бугарија смета дека Брисел со одвојувањето на преговарачкиот процес на Албанија и на Македонија донел фер одлука.

-Нормална реакција на Брисел по изјавите, особено последните од минатата недела на официјалните лица од Македонија, немаше поинаква реакција. На начинот на кој не нарекуваа, мислам дека ова е праведно решение. Не можеш да имаш таков речник, таква омраза на две соседни држави и да очекуваш да бидеш земја – членка на ЕУ“, рече Гуцанов.

Ликуваше и претседателот на парламентарната група на „Има таков народ“ Тошко Јорданов.

-Северна Македонија не ги исполнува обврските што сама ги потпиша во преговарачката рамка, па не можат ни да се надеваат на почеток на преговори, уште повеќе со неизмерените изјави на нивните лидери. Најнормално е да останат таму каде што се или надвор од ЕУ и никогаш нема да почнат ако не го сменат своето однесување и ако не ги прифатат Бугарите во Уставот на Северна Македонија, рече Јорданов.

Со реакција на својот профил на Фејсбук се јави и лидерот на ИТН Слави Трифонов кој ги критикуваше македонските политичари.

-Во Северна Македонија има политичари кои отворено ја мразат Бугарија и нас Бугарите. Згора на тоа, голем дел од нив се дволични, бидејќи многу погодно земале бугарско државјанство. За жал, во Северна Македонија моментално владеат такви политичари и тие го поттикнуваат својот народ да не мрази и да не не сака нас, Бугарите. Ова е многу тажно, но и многу жално за нив, бидејќи Бугарија како членка на Европската Унија никако не треба да дозволи земја со такво однесување да започне преговарачки процес за влез во Европската Унија. Единствениот начин е тие да ги вклучат Бугарите во нивниот Устав и целосно и целосно да се усогласат со т.н. Француски договор“, напиша и Трифонов.

Денеска во Бугарија на еден месец пред изборите беа објавени и анкети за рејтингот на партии, на еден месец пред изборите, па ГЕРБ повторно се позиционираше како прва политичка сила (23,9%) со нешто помал резултат од последните парламентарни избори. По пропаѓањето на ДПС, во битка за второто место влегоа ПП-ДБ (14,4%) и Преродба (14,2%). Иако имаат релативно висок удел на тврдокорни симпатизери, сите три политички сили имаат еден вид стаклен плафон што не можат да го пробијат. Доколку кампањата не доведе до нагло активирање на гласачите, постои голема веројатност секој од нив да забележи загуба на гласови во апсолутен број, односно помала доверба и поддршка во општеството.

Патот за Албанија го отвори Грција

Втората меѓувладина конференција меѓу Албанија и ЕУ веќе е закажана на 15 октомври во Луксембург, кога ќе биде отворен првиот кластер од преговорите „Фундаментални прашања“.

Првите меѓувладини конференции, со кои започнаа преговорите со Република Северна Македонија и Албанија, беа во јули 2022 година. За Албанија почетокот на преговорите за членство зависеше од решавањето на спорот со Грција и Атина кој искрсна откако албанските власти го уапсија и го судеа за корупција Фреди Балери, градоначаникот на албанската општина Химара, по потекло Грк.

Случајот ги затегна врските меѓу Тирана и Атина бидејќи, според самиот Белери и според Атина, апсењето на Белери било политички мотивирано.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го вклучи Белери, кој има двојно грчко-албанско државјанство, на евролистата на партијата Нова демократија и по изборите на 9 јуни, Белери беше избран за европратеник.

Тој беше ослободен од затвор за да присуствува на првата седница на Европскиот парламент во јули, а во септември судот во Албанија го ослободи предвреме.

Во вторникот, за време на Советот за општи работи, Грција објави дека спорот со Тирана е решен и земјата може да го отвори првиот преговарачки кластер. Бугарските политичари се фалат дека отворањето на патот за Албанија е поради тоа што го признаа постоењето на бугарското малцинство во Албанија.

-Албанија го призна бугарското малцинство и на Бугарите им се гарантирани сите уставни права што ги имаат другите малцинства. Албанија покажа дека е нормална европска земја и заслужува да биде членка на ЕУ, а Вазраждане го поддржува тоа, нагласи партискиот лидер, рече денеска Костадинов, претседателот на Преродба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот