Политичката теоретичарка Изабел Лорај ќе одржи предавање на деветтото издание на „Крик“

Плакат за настанот во Чифте амам

На програмата на деветтото издание на фестивалот за критичка култура „Крик“ на 1 јули, во 19.30 часот, во објектот Чифте амам при Националната галерија, е предавање што ќе го одржи една од најинтересните современи промислувачки на квир-феминизмот, Изабел Лорај.

Таа ќе одржи предавање насловено како „Презентистичка демократија: Практика на грижа и квир долг“, во кое ќе се тематизираат сегашните практики и потенцијали на општествената грижа, кои можат да бидат основа за моделот на демократија во сегашноста.

– Сегашноста, која несомнено се одликува со екстремни услови на прекарност во работата и животот, исто така отвора поле во кое споделената прекаријарност и взаемнo зависење може да се зачува. Новата концепција на прекаријарност се заснова на квир/црн и конечно лош долг, долг кон меѓусебната зависност, во смисла на бескрајно должнички односи на грижа.

Наспроти машкиот долг, кој наложува сигурност и е насочен кон иднината, долг кој воспоставува фиксни индивидуализирани субјективности, оној кој не ја експлоатира работата, туку општественоста и животот, и кој се базира на односот заемодавач-заемопримач, Изабел го повикува квир долгот како средство за дисперзија на грижата и политиката во сегашноста.

После предавањето на англиски јазик, во разговор со Артан Садику, ќе се дискутираат прашањата: Како да се ослободиме од позицијата на субјективитетот на долгот што ни го наметнува сегашниот систем? И како да се организира дисперзирана социјализирана грижа за да се бориме против временската оскудица на сегашноста? – посочуваат од „Крик“.

Изабел Лорај е политичка теоретичарка и професорка по квир студии на Академијата за медиумски уметности (KHM) во Келн и работи за transversal texts (transversal.at), платформа за издаваштво на Европскиот институт за прогресивни културни политики (eipcp). Таа е авторка на неколку книги, меѓу кои „Состојба на несигурност: Влада на несигурните“, „Демократија во политичката сегашност: Квир-феминистичка теорија“.

Лорај е веројатно најпозната по својата книга „Владеењето на несигурните“, која е преведена на пет јазици, и за која Џудит Батлер го напиша предговорот. Во неа, Лорај се занимава со несигурноста што се шири низ општеството, социјалната несигурност во неолибералниот контекст, поврзаните родови политики, но и можностите за промени.

Лорај работела како гостин професор на Универзитетот за уметности и на Хумболтовиот универзитет во Берлин, а предавала и на универзитетите во Базел, Виена и Касел, на теми од социјални/општествени и културни науки, феминистичка и постколонијална теорија.

Деветтото издание на фестивалот за критичка култура „Крик“ се одржува со тематската рамка „Желбени машини – уметноста како (ре)волуција“. Фестивалот е финансиски поддржан од Гете Институт, Министерството за култура на Република Северна Македонија и програмата „Креативна Европа“ на Европската Комисија, финансирана од Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот