Поевтинува училишниот прибор, се ограничуваат маржите

Школски прибор / Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Оваа мерка доаѓа еден ден по почетокот на учебната година, откако веќе голем број родители ги набавија неопходните материјали

По пониски цени ќе се продаваат тетратки, боици, ранци, фломастери, острилки, ножици, шестари, дигитрони, креди, табли, пластелин, острилки, гуми за бришење… Ова е согласно денешната одлука на Владата за замрзнување на цените на училишниот прибор.

На прес-конференција, премиерот Христијан Мицковски соопшти дека на големо маржата ќе биде ограничена на пет проценти, додека на мало десет отсто.

– Многу производи се предмет на монопол или дуопол и практично цените се двојно поголеми од увозната цена. На пример, увозната цена на маркерите е 60,1 денар, а во малопродажба е 130 денари, увозната цена на јагленот за цртање е 68,6 денари, во малопродажба 200 денари. За боиците, ако увозната цена е 69,5 денари, се продаваат од 120 до 150 денари, додека кај моливите увозната цена е 54,1 денар, а се продаваат по 120 денари. На тетратките А4 увозната цена е 40,1 денар, малопродажната цена е 85 денари – изјави Мицкоски.

Оваа мерка доаѓа еден ден по почетокот на учебната година, откако веќе голем број родители ги набавија неопходните материјали. Според Мицкоски, оваа мерка не е задоцнета.

– Секогаш може да се направи нешто поинаку. Мислам дека секоја мерка е добредојдена за буџетот на семејството, од проста и едноставна причина што откако беше констатирана состојбата во малопродажбата тогаш веднаш се реагираше. И на мене не ми паѓа на памет некој производ што има увозна декларација од 50 денари да се продава по 120-150 денари. Убеден сум дека со оваа мерка ќе заштеди половина од буџетот на семејството. Да има и такви кои обезбедиле дел од училишниот прибор, но во наредниот период ќе имаме и други вакви мерки што ќе значат заштита на „есенската кошничка“ и на зимската – додаде тој.

Пред пет дена ставот на Мицкоски беше дека ограничувањето на цените на основните прехранбени продукти ќе има спротивен ефект. Политиката на Владата, според него, не е вештачки да поттикнува зголемена и вештачки набилдана  потрошувачка, бидејќи на тој начин парите ја губат вредноста.

-Видовте што се случи со претходните замрзнувања на цените. Затоа политиката на Владата не е да ограничува, туку да поттикнува инвестиции. Политиката на оваа Влада не е вештачки да поттикнува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, бидејќи на тој начин парите ја губат вредноста – објасни Мицкоски зошто ќе нема нови замрзнувања.

По примерот на Грција?

Грција пред почетокот на учебната година промовираше „Кошница со училишен прибор“, програма која почна на 28 август и ќе трае до 15 октомври, а ревизорите на Меѓуслужбената единица за контрола на пазарот (ДИМЕА) ќе бидат на штрек за да нема проблеми со оние кои се обидуваат да остваруваат неправедни профити.

„Училишната кошница“ е во рамките на иницијативите на грчката Влада во одредени периоди од годината, како што се Божиќ, Нова година, Велигден итн. да воведува сезонски продукти со цени кои треба да останат исти или да има минимални покачувања.

Пред новата учебна година, грчките власти ја најавија програмата „Кошница со училишен прибор“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот