Подемот на Најџел Фараж: Отпишаниот политичар кој ги „нокаутираше“ конзервативците и им пркоси на лабуристите

Најџел Фараж / Фото EPA-EFE/NEIL HALL

Контроверзниот британски политичар Најџел Фараж кој до неодамна се сметаше за голем аутсајдер меѓу експертите во Британија, успеа да се врати посилен од било кога.

Довербата за владејачката Конзервативна партија падна на ново најниско ниво, при што партијата на Фараж, Реформа ОК ја намали разликата на само три проценти. Откако минатата недела го достигна најниското ниво во последните пет години во дел од анкетите, уделот на луѓето кои планираат да гласаат за Конзервативната партија се намали за уште два проценти што дополнително ги поттикна предупредувањата за „колапс“ на нивната поддршка.

Според анкетата на британскиот весник Телеграф, опозициските лабуристи имаат 42 отсто поддршка, ториевците со 19 отсто, а Реформа со 16 отсто. Тоа е трета анкета по ред во која Реформа го постигна својот најдобар резултат во анкетите од официјалното создавање на партијата во јануари 2021 година.

Конзервативците изгубија до една третина од гласачите кои планираа да ја поддржат партијата пред само четири месеци, покажа анкетата на Ипсос во соработка со Фајненшл Тајмс, која укажува на високи нивоа на нестабилност пред изборите на 4 јули.

Истражувањето, спроведено на иста група од речиси 16.000 гласачи на крајот на јануари и на почетокот на јуни, покажа дека 32 отсто од луѓето кои првично рекле дека ќе гласаат за Конзервативците оттогаш се предомислиле.

Ема Левин, помошник директор на истражувачката агенција Саванта вели дека нивното истражување сугерира на колапсот на Конзервативната партија во реално време.

– Ова е најнискиот удел на конзервативните гласови досега во анкетата на Саванта, трета анкета по ред. Дел од причината за ова е што Реформа ОК продолжува да бележи придобивки, па дојде на нивното највисоко ниво од јануари 2021 година.

Враќањето на Фараж предизвика турбуленции кај Конзервативците

На една конференцијата на Конзервативната партија во Манчестер минатата година, можеше да се забележи огромна толпа народ која во боите на партијата учествуваше на тој митинг. Но, тоа во главно се сведе на потегот на Најџел Фараж да се понуди да гостува заедно со поранешната премиерка Лиз Трас.

Фараж беше таму во својство на водител на ГБ Њуз, но во неколку наврати беше запиран од толпата во која очигледно имаше повеќе обожаватели отколку тогашната премиерка.

Тој, исто така, стана популарен кај помладите на социјалните мрежи откако беше снимен како ја пее песната „Can’t Take My Eyes Off You“ на една конференција. Тој постојано беше прашуван од новинарите за тоа дали размислува да се кандидира како конзервативен пратеник.

Некои отворено се прашуваа дали еден ден ќе се обиде да се кандидира и за лидер на партијата. Тој го отфрли тоа, но подоцна изјави за Би-Би-Си дека иако нема да се приклучи на Конзервативната партија во нејзината сегашна форма, тој „никогаш нема да каже никогаш“ и ако по следните избори „се ресетираат и повторно се усогласат, тогаш можеби “.

Но, пред неколку месеци Фараж официјално објави дека повторно ќе биде лидер на партијата Реформа, со што ѝ зададе огромен удар на Конзервативната партија.

И покрај тоа што седум пати неуспешно се кандидираше за пратеник, тој е попознат од некои конзервативни министри. Многу конзервативни активисти и стратези се плашеа дека тој ќе се залага за реформи во Обединетото Кралство, загрижени дека тој би можел да го подели гласањето на некои места што конзервативците се обидуваат да ги задржат – или дури и на оние каде што претходно уживаа прилично безбедно мнозинство.

Иако тоа нема да го признаат јавно, некои од Лабуристичката партија се приватно воодушевени од веста за кампањата на Фараж токму поради оваа причина.

Ова е првиот случај кога Фараж има потенцијал да ја „ресетира“ Конзервативната партија – со потенцијално ускратување на местата во Парламентот. Анкетата што беше објавена само неколку минути откако Фараж ја објави својата кандидатура, сугерираше дека Реформа во тој момент не е на пат да освои места. Но, сето тоа нагло се промени во неделите кои доаѓаа.

Најџел Фараж / Фото EPA-EFE/NEIL HALL

Британскиот Доналд Трамп

60-годишниот лидер на партијата која во главно има анти-ЕУ политики, вели дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп „научил многу работи од него“.

Критичарите често знаат да го наречат „британскиот Доналд Трамп“, што тој често го негира, велејќи дека не се воопшто слични со американскиот политичар и бизнисмен.

– Мислам дека сме многу различни, но мислам и дека размислуваме исто за многу работи. Тој научи доста од мене, мислам дека тоа оди во двете насоки. Тој ги гледаше моите говори во Европскиот парламент пред многу години, пред да одлучи да се кандидира, објасни Фараж.

Иако тој одби да потврди дали Трамп лично му го кажал ова, тој вели дека е сигурен во тоа и дека тој „силно го поддржува“ кандидадот од Републиканската партија за престојните избори во САД.

Факт е дека Трамп и Фараж имаат многу слични политики. Главната разлика е во тоа што Фараж е доста поекстремен во неговите ставови на одредени теми. Тој јавно е познат по неговите антимуслимански, антимиграциски, анти-ЛГБТИ коментари, кои поттикнаа загриженост кај муслиманското население во Британија.

Иако загриженоста не е во тоа дали Фараж ќе биде избран или не, фактот дека поддршката за него се зголемува во анкетите може да предизвика сериозна дебата кај британската јавност за тоа во кој правец се движи јавното мислење.

Фараж повторно предизвика револт кај јавноста, откако изјави дека „западните сојузници го поттикнале Путин да ја нападне Украина“. Од оваа изјава се оградија и британскиот премиер Риши Сунак и опозицискиот лидер Кир Стармер.

Најџел Фараж и Доналд Трамп / Фото: Brendan Smialowski / AFP / Profimedia

Колку е екстремен и што ветува Фараж?

Настрана од остриот план за замрзнување на несуштинската имиграција и наметнување казнени давачки за бизнисите кои вработуваат „странски работници“, во кампањата, исто така, Фараж турка за крај на она што го нарекува „разбудена политика“ и филозофско чистење на британското образование.

Тоа би ги принудило училиштата да ја „забранат трансродовата идеологија“ притоа спроведувајќи „патриотски“ модел на образование, изјавувајќи дека „секое учење за период или пример на британски или европски империјализам или ропство мора да биде поврзано со учењето за неевропска појава на истото за да се обезбеди рамнотежа“.

Темата за националниот идентитет добива дури и своја целосна страница, насловена како „Враќање на Велика Британија“, дел кој отстапува кон паранојата по ковид-пандемијата за Светската здравствена организација, Светскиот економски форум и намалената употреба на пари во готовина.

Покрај предлагањето два нови национални празници за славење на велшкиот и англискиот идентитет, тој тврди дека ќе започне „сеопфатен напад на културна војна“.

– Законодавството за да се запре левичарската пристрасност и политички коректната идеологија што ја загрозува личната слобода и демократијата. Нема повеќе дебанкарство, укинување на културата, левичарски толпи кои обожаваат да мразат или политичка пристрасност во јавните институции. Престанете да се користи шеријатскиот закон во Обединетото Кралство, се вели во кампањата на партијата Реформа.

Иако се очекува Кир Стармер да биде следен британски премиер, подемот на политички отпишаниот Најџел Фараж е голем шамар за конзервативците, но и поттик за лабуристите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот