Поддршката од Будимпешта за македонските евроинтеграции меѓу реалната помош и празната фраза

Знаме Македонија и ЕУ / Фото: МИА

Колку оддалеченоста на Македонија од ЕУ и обратно зависи од тоа која земја во моментот претседава со Унијата? Оваа дилема за земја аспирант во ЕУ се наметнува на секои шест месеци, пред секое редовно ротирање на земјата-претседавач со Унијата. Тоа впрочем е и случајот и со последното ротирачко претседателство на Унијата со Унгарија кое започна на 1 јули.

Сепак, во време кога ЕУ се соочува со внатрешни поделби и проблеми со кризата околу Украина, дилемата е дали оваа земја која во нејзините приоритети за шестмесечното претседавање во агендата ќе го стави високо на списокот проширувањето на Унијата и ќе придонесе кон придвижување на регионот, но и на Македонија кон обединета Европа.

Домашните експерти и дипломати кои ги консултираше „Слободен печат“ во врска со тоа кои ќе бидат очекувањата за земјава од Унгарија како новиот претседавач со ЕУ, имаат  поделени размислувања. Тие велат дека и блиските односи кои ги ужива официјално Скопје со Будимпешта нема многу да помогнат ако се земе предвид дека ЕУ пред да започне со какво било проширување најави реформирање дома меѓу земјите членки.

Што ќе донесе за Македонија унгарското претседателство со Советот на ЕУ

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека унгарското претседавање нема да ги смени приоритетите на ЕУ. Според Арсовски, Будимпешта може да помогне за создавање на конструктивна атмосфера кон земјите аспиранти за средување на домашните проблеми и задачи, а тие се правната држава, корупцијата, како и преостанатите уставни измени за Македонија.

Петар Арсовски / Утрински брифинг

– Евроинтегративниот дел на Македонија нема да се смени и покрај доаѓањето на Будимпешта на чело на Советот на Европската Унија. Земајќи ги предвид поставеноста на состојбите во Европа по изборите, може да се заклучи дека многу многу Брисел нема да троши енергија како некогаш за земјите од Западен Балкан. Но, тоа нема да смени ништо на надворешно поле за нас, доколку дома ние не ги направиме неопходните уставни промени. Единствено со уставните измени Бугарија не би имала повеќе изговор како досега да нѐ обвинува дека ние сме виновни за тапкањето во место. Кратко кажано во оваа состојба Будимпешта би можела да ни помогне како земја пријател во однос на тоа да организира повеќе симболични средби со ЕУ но, оофицијалната заложба на Унијата кон Западен Балкан е позната, а таа според мене ќе остане иста без оглед кој е на кормилото на ЕУ – оценува Арсовски.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски е со слично гледиште како Арсовски во однос на идното унгарско претседавање со Унијата.

Ристо Никовски – аналитичар / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

– Не треба да има никакви илузии дека Унгарија, или која било од малите членки може што било да промени во основните политики на Унијата. Факт е дека Орбан најавуваше дека проширувањето ќе им биде на листата на приоритeти, што не беше случај досега со ниту еден друг претседавач, ама за жал тоа ништо не значи. Будимпешта ќе се обидува да го актуализира тоа прашање но, опипливи резултати нема да има. Кога размислуваме за проширувањето мора да ни биде јасно дека Унијата уште многу долго нема да се шири. Тоа е веќе договорена политика, којашто јавно не се соопштува. Можен е исклучок единствено со Црна Гора, како залажување за останатите. Воопшто не треба да се исклучи и можноста проширување класично да нема. Со европската политичка заедница на Макрон јасно е дека Унијата ќе се реформира дома, а со тоа и нанадвор. Ќе има вклучување во заедничкиот пазар и поголеми финансиски фондови и ништо повеќе – оценува Никовски.

Леа Огњаноска – Ставровска, докторантка по право во ЕУ и асистентка на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје е со став дека ова претседателство на Унгарија нема да промени многу кога станува збор за македонската евроинтеграција.

Леа Огњаноска Ставревска / Фото Слободен печат / Методи Здравев

– Политичкиот календар на ова претседателство не дава премногу можности за да се оствари најавената агенда. Од аспект на проширувањето, следниот период е најбитна распределбата на позициите во Европската комисија. Унгарија сака да се приближи кон Западниот Балкан и да даде поттик на процесот, меѓутоа посветеноста на европските вредности и цели во таквото дејствување е сепак, дискутабилна. Ќе се обиде да го искористи претседавањето и за одредени потесни национални интереси поврзани и со финансиски мотиви, така што гласната реторика може да произведе многу поограничени резултати од најавеното – заклучува Огњаноска-Ставревска.

За Унгарија еден од приоритетите е Западен Балкан

И додека Виктор Орбан продолжува со својата антиевропска реторика, неговиот министер за европски прашања и постојаното претставништво во ЕУ најавуваат дека ќе бидат неутрални и „чесни посредници“ за време на претседавањето, што е вообичаено однесување на ротирачките претседателства.

– Можеме да покажеме насока, да иницираме разговори, но секогаш ќе дејствуваме како чесни посредници – изјави унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока, презентирајќи ја програмата на претседателството.

– Ова ќе биде претседателство како и секое друго. Ќе бидеме чесни посредници, искрено ќе соработуваме со членките и институциите на ЕУ – вели унгарскиот амбасадор во ЕУ, Балинт Одор.

Унгарија во својата програма за претседавање истакна неколку приоритети – зајакнување на конкурентноста на европската економија, зајакнување на одбранбената индустрија, склучување договори за партнерство со трети земји за заштита на надворешните граници и решавање на причините за миграцијата, забрзување на процесот на проширување кон Западен Балкан, зајакнување на кохезијата и земјоделската политика и решавање на демографските предизвици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот