Почнува третото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“

Прес-конференција за третото издание на фестивалот „Игор Маџиров“ во ТДМ

Под мотото „Сѐ е твое“ од 1 до 5 октомври ќе се одржи третото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“. Инспирацијата за слоганот е земена од безвременото писмо на Горан Стефановски до својата внука Калина, во кое вели: „Сиот свет сега ти припаѓа тебе и сè во него е твое! / Твои се земјата и луѓето / И животните и билките, / И морето и рибите / И небото и птиците / Твои се сонцето и ѕвездите / И твоја е месечината / Сѐ е твое!“

Програмата на фестивалот на прес-конференција ја претставија Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци, Драгана Милошевски Попова, селекторка на програмата, Миодраг Костиќ, извршен продуцент на фестивалот, како и членовите на фестивалскиот совет Владимир Лазовски (претседател) и Игор Ивковиќ.

– Среќни сме што годинава ќе бидеме домаќини на исклучително квалитетни претстави од регионот и Европа на третото издание на фестивалот „Игор Маџиров“. Програмата е побогата од претходните две години, а тоа го потврдува нашиот растеж што го имаме како фестивал на детски театри – изјави Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци – Скопје.

Свеченото отворање ќе се одржи на 1 октомври, во 19.30 часот, со претставата „Не ме чекај“ во изведба на Театарот „Снег на трепките“ од Нант, Франција, а во наредните денови публиката ќе може да ужива во претставите: „Тогаш кога се изгубивме“ на „Краљевачки театар“ од Краљево, Србија; „Палешка“ на куклениот театар од Љубљана, Словенија; „На гости кај Кате и Фреда“ на театар „Бабец“ од Битола; „Си беше еднаш еден лав“ во изведба на Детски театар на Република Српска, Бања Лука, БИХ; „Прадевојче“ на Национален театар „Тоша Јовановиќ“, Куклена сцена Зрењанин, Србија; „Светско шоу на ѕвездите“ на Кемал Фатих Полак, Караѓоз театар од Истанбул, Турција; „Дупка и копче“ на „Илоко театар“ од Рим, Италија; „По трагите на волкот“ на Младински театар, Нови Сад, Србија; „О, ла ла“ на Градски куклен театар, Риека, Хрватска. Затворањето на фестивалот ќе биде со претставата „Франкенштајн“ на ТДМ, кога по изведбата на претставата ќе бидат доделени и наградите.

Фестивалот и оваа година, покрај наградата Гран-при, доделува Награда за најдобра режија, две актерски награди, сценографија, костимографија, специјална награда. Селектор на фестивалот оваа година е Драгана Милошевски Попова, режисер вработен во Театарот за деца и младинци, а извршен продуцент е Миодраг Костиќ.

– На фестивалската програма можеби не се најновите претстави од регионот и Европа, но затоа се најважните кои нашата публика мора да ги погледне. Тоа се претстави кои отвораат мошне различни, но суштествено важни теми и форми – изјави Драгана Милошевски Попова, селекторка на програмата.

Стручното жири е во состав: Рената Ќарола Гатика од Хрватска, Ана Левајковиќ Бошков, актерка во ТДМ, и Билјана Крајчевска, драматург при Битолскиот театар. Претседател на советот на фестивалот е Владимир Лазовски, актер и поранешен заменик-министер во Министерството за култура.

– Театарот за деца и младинци постои 33 години и среќни сме што трета година по ред се одржува овој фестивал. Наместо да зборуваме за тоа каде оди детскиот театар и за продукцијата, ние зборуваме за финансии. Оваа година работевме напорно и си го поставивме прашањето „ќе нѐ биде или нема да нѐ биде“, но јас навивам за ова првото – рече актерот Владимир Лазовски.

Детско жири составено од седум членови и оваа година ќе биде застапено, кое повторно ќе има задача да ја оцени и награди најдобрата претстава на фестивалот по нивен избор.

Годинава фестивалот „Игор Маџиров“ продожува со соработката со Факултетот за драмски уметности, каде ќе биде одржан мастерклас на театарскиот режисер од Чешка Република, Јакуб Максимов. Исто така, ќе се одржи работилница за куклен театар и креативно пишување наменета за младите таленти, а истата ќе биде предводени од менторите Давор Драгојевиќ од Црна Гора, Драгана Лукан Николовски, драматург во ТДМ, и Хана Миленковска, режисер во ТДМ.

Фестивалот се одржува под покровителство на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, а со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам. Цената на билетите е со симболична вредност од 150 денари, по повод „Светската недела на детето“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот