Почнува сезоната на лубеници: Една група луѓе мора да внимава на нивното консумирање

Фото: Profimedia, Cultura RF

Лубеницата за многумина е најомиленото летно овошје, освежувачко и слатко, но луѓето со хронична болест на бубрезите мора да бидат внимателни.

Според студија на случај објавена во „Annals of Internal Medicine: Clinical Cases“, биле анализирани тројца пациенти со хронична болест на бубрезите кои тешко се разболеле откако изеле премногу лубеница.

Зошто? Лубеницата најмногу се состои од вода, но ова сочно овошје изобилува со витамини и минерали, од кои најдоминантен е калиумот. Парче лубеница од 286 грама содржи 320 милиграми калиум, што е околу 12 отсто од препорачаната дневна доза за жени и околу 9 отсто за мажи.

Затоа, за просечно здрав човек, лубеницата е обилен и вкусен извор на калиум, минерал кој им е потребен на нервите за помош во пренесувањето на сигналите, вклучувајќи ги и оние кои предизвикуваат контракција на мускулите. Тој е исто така одговорен за одржување на нормално ниво на течност надвор од клетките, како и за одржување на крвниот притисок под контрола.

Во нормални околности, вишокот на калиум, кој не се користи во овие процеси, се отстранува преку бубрезите и од телото се исфрла преку урината. Меѓутоа, за луѓето со хронична бубрежна болест, бубрезите не се толку ефикасни во филтрирањето на калиумот. Затоа, за тројца пациенти во гореспоменатата студија на случајот, јадењето премногу лубеница резултирало со развој на тешка хиперкалемија, состојба во која во крвта има премногу калиум.

Пациентите имале помеѓу 6,6 и 7,4 ммол/Л калиум во крвта, а нормалниот опсег е помеѓу 3,5 и 5,0 ммол/Л. Сите тројца пациенти консумирале големи количини лубеница секој ден во период од три недели до два месеци.

Хиперкалемијата не секогаш резултира со очигледни симптоми, како што било случај кај еден од тројцата пациенти. Меѓутоа, тоа може да има и мошне сериозни последици. На пример, двајца други пациенти имале проблеми со срцето. Други симптоми може да вклучуваат слабост во мускулите, пецкање, гадење и, во тешки случаи, отежнато дишење и болка во градите.

Иако може да биде сериозна, хиперкалемијата може да се лекува. Откако престанале да консумираат лубеница, сите тројца пациенти по неколку месеци имале нормални нивоа на калиум во крвта.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот