Почина легендарната актерка Меги Смит, ѕвездата од филмовите за Хари Потер

Меги Смит / Фото: EPA/ANDY RAIN

Британската актерка Меги Смит, позната по филмовите за Хари Потер и „Даунтаун опатија“, почина на 89-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство, пренесува Би-би-си.

Легенда на британската сцена и екран, таа освои два Оскари во текот на нејзината кариера – за филмот „Премиерот на госпоѓица Жан Броди“ во 1970 година и „Хотел Калифорнија“ во 1979 година. Во Велика Британија ја доби титулата „дама“.

Во објавата на нејзините синови Тоби Стивенс и Крис Ларкин, се наведува дека актерката починала мирно.

„Со голема тага треба да ја објавиме смртта на Дам Меги Смит. Таа рано утрово, петок, 27 септември, мирно почина во болница. Беше со пријателите и семејството. Зад себе остава два сина и пет внуци кои се тажни поради загубата на нивната исклучителна мајка и баба“, напишале тие.

Тие им се заблагодарија на персоналот во болницата Челзи и Вестминстер за грижата и, како што изјавија, неограничената добрина во последните денови на актерката.

„Ви благодариме за сите ваши љубезни пораки и поддршка и бараме да ја почитувате нашата приватност во овој момент“, рекоа тие.

Фото: 1492 Pictures / Heyday Films / AFP / Profimedia

Меги Смит, родена како Маргарет Натали Смит на 28 декември 1934 година во Илфорд, Англија, е една од најпознатите британски актерки со завидна кариера која трае повеќе од шест децении. Пораснала во Оксфорд, каде завршила основно и средно училиште, а набргу потоа ја започнала и актерската кариера. Таа ја започна својата театарска кариера во Оксфорд Плејхаус во раните 1950-ти, а нејзината прва голема улога дојде во продукцијата на Нови лица од ’56 во Лондон. Набрзо таа стана редовна на британската театарска сцена, како и на Кралскиот национален театар.

Првата номинација за наградата Бафта за нејзината улога во мелодрамата „Никаде да се оди“ во 1958 година. Веќе во 1963 година, таа доби можност да ја игра Дездемона покрај славната Лоренс Оливие во „Отело“ на театарската сцена, а две години подоцна и во истоимениот филм за кој беше номинирана за Оскар.

Сепак, за помладата генерација, Меги стана препознатлива по улогата на професорката Минерва Мекгонагал во серијата филмови за Хари Потер. Оваа улога ѝ донесе светска популарност, а нејзиниот лик, строг, но праведен професор, стана обожаван од публика од сите возрасти.

Во текот на својата богата кариера, Меги Смит ги има добиено сите најважни актерски награди, вклучувајќи ги наградите Оскар, Еми, Тони и Бафта, што ја прави една од ретките актерки кои постигнале т.н. Тројна круна на актерството (Оскар, Еми, Тони). Нејзината способност да се прилагодува на различни улоги, од комични до драматични, и обезбеди место во историјата на филмот и театарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот