Победата на лабуристите ја зацементира Шкотска во Обединетото Кралство

Шкотските националисти добија неверојатно слаба поддршка - Фотографија Profimedia

Критичарите укажуваат дека националистите премногу се посветиле на иницијативата за независност, заборавајќи ги прашањата што директно се одразуваат на животот на луѓето – кризата со скапотијата, образованието и здравството

Убедливата победа на британските лабуристи на парламентарните избори ги збриша шкотските националисти и нивните долгогодишни напори за независност од Обединетото Кралство.

Шкотската национална партија очекуваше да изгуби пратенички места од лабуристите, но и најголемите песимисти не очекуваа дека од 48 пратенички места во Вестминстер ќе изгубат дури 39. Бројот на гласови се преполови од 1,24 милион во 2019 година на близу 700.000.

Првпат по повеќе од една деценија мнозинството шкотски пратеници во Вестминстер се од редовите на регионалната Лабуристичка партија на Кеир Стармер. Шкотските лабуристи во 2019 година освоија само едно пратеничко место.

– Ова беше црна ноќ за СНП – коментираше Стивен Флин, еден од деветтемина шкотски националисти што ги задржаа своите места во Парламентот на Обединетото Кралство.

СНП повеќе не е ни третата според моќ партија во Кралството, што носи привилегии, како пристап до неделната сесија на пратенички прашања до премиерот. Трпат и учеството во комитети на Парламентот и приливот на јавни средства.

– Партијата ќе мора да ја преиспита својата душа како последица на овие резултати – призна лидерот на Шкотската национална партија Џон Свини.

Поразот беше и огромно разочарување за Никола Старџн, долгогодишната лидерка што беше заслужна за политичкиот подем на СНП во изминатата деценија.

– Победата на лабуристите има сеизмички димензии. Не може да се избега од тоа, ова е огромен успех на Кеир Стармер – изјави Старџн.

Под нејзино водство, СНП доминираше на изминатите три парламентарни избори во Шкотска. Само една година откако беше избрана на челото на партијата со шест пратеници во Вестминстер, Старџн ја водеше СНП до историски успех – во 2015 година националистите освоија 56 од 59-те пратеници што ги делегира Шкотска. Со освоени повеќе од 50 отсто од гласовите во Шкотска, партијата се проби на третото место во Британија.

Силната поддршка ги поттикна националистите да почнат кампања за нов референдум за независност, по неуспешниот во 2014 година, кога 55 отсто од испитаниците се изјаснија Шкотска да остане во Обединетото Кралство.

Критичарите укажуваат дека националистите премногу се посветиле на иницијативата за независност, заборавајќи ги прашањата што директно се одразуваат на животот на луѓето – кризата со скапотијата, образованието и здравството. За поразот секако придонесе и финансискиот скандал со Питер Мјурел, сопругот на Старџн, поради што лидерката на СНП беше принудена да поднесе оставка, па дури и беше приведена заради сослушување.

Новиот партиски лидер Свини објави дека ќе ги продолжи разговорите за распишување нов референдум за независност, но само ако партијата повторно победи на изборите. Катастрофалниот пораз практично ја погребува таа иницијатива, иако анкетите покажуваат дека околу 40 отсто од Шкотланѓаните би се изјасниле за независност на нов референдум. И лабуристите, како и конзервативците што беа на власт во изминатите 14 години, тврдат дека прашањето со шкотската независност е решено со референдумот во 2014 година, кога мнозинство од 55 отсто се определија да останат во Обединетото Кралство.

Референдумот за независност и ЕУ ќе мора да почекаат – Фотографија ЕПА, Роберт Пери

Наместо на референдум и независност, партијата што не освои ниту едно место во Глазгов и во Единбург ќе мора да се посвети на сопствениот опстанок и иднината.
Свини призна дека „СНП мора да биде подобра во владеењето во името на Шкотланѓаните“, но додаде дека наспроти изборната катастрофа, партијата нема да се откаже од иницијативата за независност.

– Иако имавме лоши резултати, длабоко верувам во главата и во срцето дека Шкотска ќе биде подобра како независна земја. Очигледно не успеавме пред јавноста да го претставиме тој аргумент како приоритет во овој момент, па треба долго и тешко да размислиме како да се посветиме на тоа прашање – изјави Свини.

Тој лично нема никаков грев за резултатот, зашто беше избран за лидер само неколку недели пред да бидат распишани изборите.

Шкотските лабуристи, во исто време, признаваат дека огромниот успех е резултат на огромното незадоволство на Британците од потфрлањата на низата конзервативни влади.

– Ја разбирам желбата за промени, знам дека има огромно олеснување поради тоа што завршија 14-те години на целосен хаос и неуспеси – изјави регионалниот лабуристички лидер Анас Сарвар, индиректно потврдувајќи дека многумина шкотски националисти прескокнале преку партиските линии само за да бидат симнати од власт конзервативците.
Доминацијата на лабуристите во Шкотска значително ќе зависи од тоа дали и колку кабинетот на новиот премиер, сер Кеир Стармер, ќе ги исполни предизборните ветувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот