По седум години договарање, новиот закон за работни односи почнува од нула

Градежници работници / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Секој нов министер, секоја нова влада вели: „Почнуваме од почеток“, вели претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска и потенцира дека седум години бадијала трошеле време, а во меѓувреме работите толку се смениле, што и договореното е надминато

Законот за работни односи е Устав и за работниците и за работодавачите. Сегашниот претрпе многу измени, а стопанствениците и синдикатите одамна се сложија дека тој е надминат, има многу недостатоци и треба да се направи сосема нов закон. Но, по седум години договарања, многубројни пеглања на ставовите меѓу синдикатите и работодавачите, како што изјави Владанка Трајкоска, претседателка на Организацијата на работодавачи, неговата подготовка е на состојба нула!

– Законот за работни односи се работи веќе седум години, а немам за него никакви информации и претпоставувам дека е ставен на почеток, на нула, и дека ќе се разговора за него. Секој нов министер, секоја нова влада вели: „Почнуваме од почеток“. Седум години го потрошивме времето на сите наши членки, еве пак почнуваме одново и не знам што ќе биде во законот, затоа што во меѓувреме, во овие седум години, се сменети сите услови на работење, така што и законот на кој работевме е веќе надминат – одговори на новинарско прашање Трајкоска пред почетокот на конференција на тема „Социјален дијалог – состојба, перспективи и предизвици“.

Претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов вели дека во рок од 100 дена, колку што вчера одбележа Владата, требало да се најде време за одржување на Економско-социјалниот совет, на кој седнуваат заедно Организацијата на работодавачи, Сојузот на синдикати и претставниците на Владата и на кој се разговара за отворените прашања. Но, како што рече, задоволен е што на покана на ССМ во салата ги гледа сите оние со кои може да разговара за работничките права, како подготовка за Советот.

– Највисоките органи и тела на Сојузот на синдикати донесоа одлука со социјалните партнери да го почнат процесот на преговори за потпишување на спогодбата во јавниот сектор, според кој вработените во јавниот сектор ќе добиваат просечна плата помножена со коефициент од март наредната година. Тоа би значело за четири години раст на платите од близу 60 проценти. Бараме и отстранување некои неправди што беа нанесени во минатото со општиот колективен договор во приватниот сектор, со утврдување точен износ за надоместок на годишен одмор. Сметаме дека денес е добра можност, и покрај тоа што не се одржа Седницата на Економско-социјалниот совет да седнеме заедно и да разговараме за сите отворени прашања – изјави Трендафилов.

Тој повтори дека остануваат и на едно од клучните барања, зголемување на минималната плата.

– Сметаме дека аргументите се токму на страна на работниците, сметаме дека 25.000 работници во државата што земаат плата од 22.567 денари е некоректно и нечовечки, а за 10.000 што земаат плата од 1 денар до 22.567 денари се прави кривично дело и сметаме дека ако за една минимална синдикална кошница се потребни три минимални плати, нашето барање за раст на минимална плата е основано. Само делот за храна и пијалаци во кошницата веќе е 23.0000 денари – потенцира Трендафилов.

На Конференцијата учествуваа претставници од Сојузот на синдикати, Организацијата на работодавачи, Министерството за економија и труд и Министерството за јавна администрација.

Работодавачи: Многу очекувавме, ништо не добивме од новата влада

Оценувајќи го работењето на Владата во изминатите 100 дена, претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска рече дека имале големи очекувања, но дека не добиле речиси ништо.

– Се надевавме дека оваа влада ќе има сенс за бизнисот, за сите кризи со кои се соочуваме во работењето, меѓутоа она што се случуваше во изминатиот период, беше само зголемување на плати, на јавна администрација, земање кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и немањето работна сила, што значи со еден збор „ништо“ – одговори на новинарско прашање Трајкоска.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пак, остана воздржан. Тој рече дека прво ќе го почека Економско-социјалниот совет, а потоа ќе го коментира работењето на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот