По 16 години судења застаре преметот „Змиско око“, обвинетите ќе бараат обештетување по сите основи

Едно од бројните судења во предметот „Змиско око“/фото:архива „Слободен печат“

Застаре преметот „Змиско око“ од 2007 година, во кој 46 вработени во „Македонија пат“ беа обвинети за злуопотреба на положбата и за злосторничко здружување, односно дека на патарините не им издавале фискални сметки на возачите, а парите ги ставале во џеб, па си ги делеле, при што заработиле неколку милиони евра. Во три судења, со три различни првостепени пресуди кои паѓаа на Апелација, вината на овие обвинети не се докажа недвосмислено, па денеска на рочиште на повтореното четврто судење обвинителот му предложи на Кривичниот суд да донесе одлука за застареност на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Делото злосторничко здружување е застарено претходно.

По судењето обвинетите најавија дека ќе бараат обештетување по сите можни основи.

– Животот ни го претворија во еден судски процес што траеше 16 години. Нема пари што може нам да ни ги вратат животите. Поминавме низ безброј судски рочишта, околу 130, 140 на број. И ова сега не е правда, застарувањето на делото за нас не е правда – изјави пред судот еден од обвинетите.

Друг обвинет најави дека ќе ја тужат државата и ќе бараат максимално обештетување по сите можни основи.

Еден од адвокатите на обвинетите изјави дека застапникот на обвинението побарал да се донесе решение со кое постапката ќе се запре заради настанување на апсолутна застареност на кривичното гонење.

– Се разбира дека беше очекуван ваквиот исход, имајќи ги в предвид измените на Кривичниот законик, конкретно на член 353, став 5. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција изврши преквалификација на делото во ставот 4, но, имајќи в предвид дека максималната казна е пет години, апсолутната застареност настапува за десет години. Овој предмет е од 2007 година и поради тоа застаре. Ќе се бара отштета, бидејќи за овие години обвинетите претрпеа разни трауми – изјави адвокатот.

Овој предмет е многу карактеристичен, прво, затоа што траеше предолго, а не дочека правосилна судска пресуда и после три судења. На вчерашниот брифинг во Кривичниот суд, на кој беа упатени критики дека предметите за организиран криминал застаруваат затоа што Апелација редовно ги враќа на повторно судење наместо да носи мериторни одлуки, беше истакнато дека и предметот „Змиско око“ ќе застари.

– Со сите измени што оваа држава ги направи на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка Апелација ни го враќаше предметот „Змиско око“ три пати на повтоно судење. Овој предмет ги има поминато сите пресуди, осудителна, условна и ослободителна и ниту една пресуда за Апелација не беше добра – посочија во Кривичен суд.

Тие појаснија и дека трошоците за одбраната за сите предмети што ќе застарат ќе паднат на товар на државата. Парите што обвинетите им ги исплатиле на адвокатите, со одлука на Судот ќе треба да им бидат рефундирани на странките, но за да им бидат признаени тропоците ќе мора да приложат доказ дека парите се платени – извод од трансакциска сметка, потврда од УЈП, фискална сметка и слично. Според адвокатскиот тарифник за едно рочиште во предмет со повеќе обвинети еден адвокат наплатува тарифира од 60.000 до 90.000 денари, а предметите на СЈО што сега застаруваат се одржани стотици рочишта и тоа со повеќе адвокати.

Освен за адвокати, Судот ќе треба да донесе решенија за рефундирање и на трошоците за направените вештачења, а обвинетите ќе можат да бараат оштета од државата и за времето поминато во притвор, пто што за еден ден поминат во притвор им следуваат 3.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот