„ПМГ Џез“ ќе промовира винилна приказна создадена со многу љубов

Дизајнот на насловната корица е на Горјан Главески

Винилното издание „Крај Вардарот сесии во ’Аудиокултура‘“ е музичка приказна во која се испреплетени многу љубов, ентузијазам, креативност, слобода и сплотеност на пасионирани љубители на музиката и на врвниот звук.

Станува збор за 45-тото издание на дискографската куќа „ПМГ Џез“. Албумот е снимен целосно во живо во најдобриот скопски интимен концертен простор „Аудиокултура“.

– Седум концерти, курирани од „ПМГ Џез“ во серијалот „Крај Вардарот сесии“, организирани во соработка со извонредните домаќини во „Аудиокултура“, кои дадоа неверојатно квалитетен материјал од кој произлезе овој единствен македонски жив албум. За реализација на ова извонредно парче винил од големо значење беше продлабоченото разбирање на софистицираната култура на господата од „Божиновски (часовници и накит)“, кои беа третиот партнер во реализацијата на овој проект – објаснуваат од „ПМГ Џез“.

Визуелното претставување на оваа музичка приказна спакувана во винил го креираше Горјан Главески. На винилното издание се сместени по една композиција од дуото „Алембик“, Марија Каева Трио, Мирко Попов Квартет, Глигор Кондовски, Дамир Имери Трио, Филип Букршлиев Трио и групата „Сетстат“.

Промоцијата на винилот ќе се одржи на 20 јануари, со почеток во 21 часот, во „Лаб Кафе“ во Скопје. Промоцијата ќе биде збогатена со настап во живо на извонредниот бенд „Светлост“, кои ќе се претстават со нов материјал, а ќе настапат во нивниот базичен трио формат.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 214, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-21.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот