Пленковиќ: Членките на ОН имаат право сами да го изберат својот пат и да не зависат од дозволата на своите соседи

Сите членки на Обединетите нации имаат право сами да го изберат својот пат и да не зависат од дозволата на соседите, изјави во петокот премиерот Андреј Пленковиќ во говорот на Генералното собрание на ОН, додека конфликтите продолжуваат во Украина и на Блискиот Исток.

Пленковиќ во петокот рече дека Хрватска има цврсто уверување дека „секој народ има право на самоопределување и заштита според Повелбата на ОН“. Како земја што помина низ војна и повоено закрепнување, „Хрватска од прва рака ја разбира вредноста на мирот, безбедноста и меѓународната солидарност“, рече Пленковиќ, пренесувa N1. 

Додека светот го тресат се повеќе кризи и војни, Пленковиќ истакнува дека членките на ОН имаат право сами да го изберат својот пат.

„Сите членки на ОН имаат право да бидат независни и нивните народи мора да бидат слободни да го изберат својот пат. Тие не смеат да зависат од дозволата на соседите, ниту да бидат оставени сами да подлегнат на воената агресија на соседите“, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека Хрватска останува посветена на поддршката на Украина бидејќи „бруталната руска агресија продолжува веќе трета година, газејќи ги сите принципи на меѓународното право“. Тој, исто така, повика на „итно и безусловно ослободување на преостанатите заложници“ во Газа и ги покани Израел и Хамас да преговараат за крај на војната.

Катастрофа во Судан

Но, во исто време, тој предупреди дека војните во Украина и Газа „ја засенуваат големата хуманитарна и граѓанска катастрофа што се случува во Судан“ и ги повика лидерите „да не ја оставаат Африка настрана“.

Тој се осврна на југоисточниот дел на Европа и рече дека Хрватска е пример за успешна интеграција во Европската Унија и НАТО и дека тоа и дава „овластување“ на најмладата членка на Унијата во „застапувањето за мир, стабилност и европските аспирации на нејзините соседи“. Тој нагласи дека „стабилноста на Босна и Херцеговина е од особено значење за Хрватска“, што е можно, посочува, преку целосна рамноправност на трите конститутивни народи во соседната земја.

Во дел од обраќањето тој се осврна на борбата против климатските промени и рече дека „не случајно“ Хрватска го добила портфолиото за Медитеранот во новата Европска комисија, бидејќи се очекува Медитеранот да биде сериозно погоден од климатските промени.

Тој потсети дека Хрватска е на високото 8 место од 193 членки на ОН во спроведувањето на целите за одржлив развој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот