Платата на премиерот Мицкоски е 140.450 денари, министрите земаат по 115.540 денари

Христијан Мицкоски / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Платата на премиерот Христијан Мицкоски изнесува 140.450 денари, односно околу 2.280 евра. Вицепремиерите и министрите земаат нето-плата по 115.540 денари (1.870 евра), освен министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој зема дополнителни 20 отсто во износ од 24.865 денари заради извршувањето на таа функција, па неговата плата изнесува 140.405 денари, исто колку на премиерот.

Владата на својата официјална веб-страница во делот „отчетност“ ги објави платите на функционерите од владиниот кабинет. До скоро на оваа страница стоеја платите на членовите на Владата на Зоран Заев од пред фамозното зголемување од 78 отсто лани во март, а Владата на Димитар Ковачевски, во чиј мандат се случи зголемувањето функционерските плати, никогаш не објави колку им изнесуваат месечните примања! За платите на бившите министри јавноста дознаваше инцидентно, ако некој од нив ја открие сумата, па така поранешниот министер за финансии Фатмир Бисими во една прилика откри дека платата по зголемувањето му изнесува 125.960 денари.

Платите на министрите во Владата

Бруто-платите на актуелните министри изнесуваат 176.830 денари, сума што е за 60.000 денари повисока од нето-платите. Според пресметката, за нето-платите на 23 министри и на премиерот секој месец плаќаме околу 2,8 милиони денари (46.000 евра), а за нивните бруто-плати по 4,3 милиони денари, односно по околу 70.000 евра. Тоа годишно изнесува 843.000 евра само за министрите, без замениците-министри и другите функционери во Владата. Не е познато колку вкупно нè чинат платите на сите 1.060 избрани и именувани функционери во државата, меѓу кои и на судиите, градоначалниците, пратениците итн, затоа што не се објавени транспарентно.

Минималната плата во Македонија изнесува 22.567 денари, а просечната плата во април изнесува 40.937, од што произлегува дека еден министер зема пет минимални плати, односно речиси три просечни плати!

Едно е од опозиција, друго е од власт

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна рече дека треба „генерално да се реши проблемот со платите во јавната администрација и на функционерските плати“ и за тоа ќе се носи системски закон. Ист таков системски закон ветуваше и претходната влада на Ковачевски, па не го изработија, со образложение дека е сложен и требало многу време. За разлика од сега, додека беше во опозиција ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски остро го критикуваше зголемувањето на функционерските плати и бараше веднаш да се намалат, но пратениците од оваа партија тогаш не понудија законски измени во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ бараше да се намалат коефициентите на сложеност затоа што зголемувањето е „последната работа што треба да се направи во услови кога 600 илјади граѓани живеат со 150 денари на ден“, но по некое време, оваа партија, чии пратеници исто така земаат зголемени плати, престана да инсистира на намалување на коефициентите и почна да ветува дека тие штом ќе дојдат на власт ќе ги намалат. На новинарските прашања зошто не поднесуваат законски измени за враќање на функционерските плати Мицкоски одговараше дека тоа не е сторено затоа што нивните иницијативи никогаш не биле прифатени.

– Искуството вели дека секогаш кога ќе се поднесе иницијатива од опозицијата, таа се одбива. За неколку месеци ќе имаме друга влада. Ќе предложиме закон за враќање на платите на функционерите – рече Мицкоски лани во август.

Сега премиерот Мицкоски веќе не вели дека ќе предложат закон за враќање на функционерските плати, туку одговара нешто друго.

– Треба да се измени законот за платите на функционерите. Минатата влада донесе некакво нивелирање, но, треба генерално да се реши проблемот со платите и во јавната администрација и на функционерите, затоа што има институции каде вработени што извршуваат одредени работни задачи имаат два пати поголема плата од вработени на иста задача во друга институција. Треба да имаме правилна распределба. Треба да има намалување кај тие со високи примања меѓу кои се и функционерите, на сметка на институциите каде има неправилна распределба. Треба да се донесе системско решение и се доведат работите во ред – рече неодамна премиерот Мицкоски.

За неколку месеци – ново покачување!

Проблемот со платите на функционерите почна лани во март, кога Уставниот суд ја укина фиксната основица според која дотогаш се пресметуваа функционерските плати, на тој начин што основицата се множеше со коефициент на сложеност, кој изнесуваше од 2 до 4,5 за најсложените функции како претседател премиер и спикер. Според Уставниот суд, во Законот за плати на избраните и именуваните функционери имаше две основици, што не е во ред, па со укинување на фиксната, како основица за пресметка остана просечната плата од претходната година. Со таква „нова“ основица функционерските плати пораснаа за дури 78 отсто, што предизвика лавина од незадоволство и протести кај работниците.

Уставен суд укинал одредби и овозможил драстично поголеми плати за функционерите

Со таквиот начин на пресметка и оваа година платите требаше уште повеќе да им пораснат, затоа што просечната плата расте од година во година, па за да се спречи уште едно радикално зголемување, а во недостиг на системскиот закон што го најавуваа, претходната власт во февруари со измени на шест закони ги намали коефициентите за сложеност. Со таа интервенција платите на функционерите останаа исти како по претходното зголемување.

По овие законски измени се побунија само судиите и обвинителите, кои ги оспорија намалените коефициенти пред Уставниот суд и бараа Судот да ги поништи измените на законите за плати на судиите и на обвинителите, но Уставниот суд ги отфрли иницијативите.

Сепак, измените на шесте закони и намалените коефициенти нема да го сопрат следното зголемување на платите на функционерите во идната 2025 година, кога како основица за пресметка ќе им биде просечната плата од оваа, 2024 година. Годишната просечна плата постојано расте, во 2022 година изнесуваше 31.859, а во 2023 година 36.614 денари. Кога ќе дојде време да се пресметуваат според просечната плата за 2024 година, функционерските примања повторно ќе се зголемат ало дотогаш повторно не се намалат коефициентите или власта го донесе фамозниот сложен системски закон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот