Пет случаи на западнонилска треска во Македонија, прскањето против комарци е добра превенција

Модуларна ковид-болница / Фото: МИА

Пет случаи со западнонилска треска се регистрирани заклучно со септември во земјава, а еден од овие пациенти на возраст од 78 години почина од компликации од вирусот. Епидемиолозите предупредуваат дека раното дијагностицирање и навремениот третман, можат да спречат појава на тешка форма на болеста која може да заврши со сериозно нарушување на здравјето и тешки последици или смрт.

Во септември лабораториски е потврдена западнонилската треска и кај жител на Василево на 63-годишна возраст. Тој е земјоделец кој не патувал надвор од земјата, а претходно бил каснат од инсекти при работата во нива. Во регионот на Струмица каде што е неговата куќа е забележано присуство на комарци.

На Инфективната клиника сега е хоспитализиран еден пациент со западнонилска треска. Првите симптоми на пациентот почнале 13 дена пред детекцијата, кога имал висока температура од 40 степени, истоштеност и дијареа. Потоа му се појавиле отоци и осипи на двете дланки и стапала. На Инфективната клиника во Скопје потврдено е заболувањето западнонилска треска. Пациентот уште е хоспитализиран на Инфективната клиника, без знаци на енцефалит и неговата состојба се подобрува.

Претходните случаи на ова заболување со западнонилска треска во земјава се донесени од странство, односно импортирани, кај жители на Василево и Кочани. Потоа следуваше и еден случај во Тетово.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, доктор Фадил Цана објаснува дека невролошките манифестации на болеста се развиваат ретко, во само еден процент од дијагностицираните случаи, но тие може да завршат со смртен исход.

– Тоа што го знае научната јавност е дека нема специфична терапија за овој вирус. Ако нешто може да се превенира, тоа е преку програмите за дезинсекција кои се во надлежност на општините – изјави тој.

Во Европа надзорот над ова заболување се врши од јуни до ноември затоа што во овој временски интервал има масовно присуство на комарците, кои се главниот извор на заболувањето.

Климатските промени, во голема мерка влијаат на активностите на комарците. Болестите како лајмска болест, западнонилска треска, некои хеморагични трески и тулеремија се веќе присутни во Македонија. Институтот за јавно здравје смета дека постои веројатност и понатаму да бидат пријавувани нови случаи на целата територија на државата, но ризикот може да се минимизира со придржување до препораките за превенција од надлежните институции.

За заштита од болести кои се пренесуваат преку комарци треба да се намали популацијата на комарците и нивниот престој во животниот простор на луѓето. На граѓаните им се препорачува да не оставаат отворени буриња, канти и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница. Редовно треба да се чистат олуците за да се оневозможи истекување на водата, а базените да се одржуваат чисти исто како и фонтаните.

На граѓаните им се препорачува да користат специјални сијалици и апаратчиња кои ги одбиваат комарците, да постават заштитни мрежи на вратите и прозорците во домовите, да одбегнуваат излегување и престој надвор во зори или на самрак кога комарците се најактивни. Како мерки за лична заштита од убоди на комарци се препорачува носење соодветна облека, најдобро во светли бои, која ќе остава што помалку откриени делови од телото (долги ракави, долги панталони, чорапи, шапки). Се препорачува и примена на репеленти во облик на лосион, стик, крем или спреј кои ги одбиваат комарците. Патниците кои патуваат во земји каде се евидентираат болести што се пренесуваат со комарци, задолжително треба да употребуваат репеленти за време на престојот, а прозорците и креветите за спиење да се затворени со заштитни мрежи со адекватен инсектицид.

Институтот за јавно здравје препорачува по враќањето дома, во Македонија, овие лица да бидат свесни за можното нивно заразување додека престојувале во такви предели и да ја следат својата здравствена состојба. Доколку се појават симптоми на заболување, веднаш треба да побараат лекарска помош и да го известат докторот дека престојувале во предели каде што постојат болести што се пренесуваат со комарци.

Западнонилскиот вирус е откриен во 1937 година во Уганда, а неговото присуство е документирано на речиси сите контитенти. Инфекцијата ги зафаќа дивите птици, а помеѓу нив се пренесува преку различни видови  комарци.

Луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец. Болеста не се пренесува од човек на човек освен преку трансфузија или трансплантација на органи. Периодот на инкубација е од 3 до 14 дена, а околу 80 проценти од инфекциите кај луѓето поминуваат без манифестација на симптоми.

Останатите 20 проценти симптоматски инфекции, најчесто се манифестираат како треска која поминува сама од себе, а помалку од еден процент од инфекциите со западнонилска треска кај луѓето се развиваат во сериозни форми, со тешка клиничка слика и се потенцијално смртоносни поради воспаление на мозокот или појава на парализи.

Не постои специфична терапија, а третманот главно е насочен кон лекување на симптомите. Соодветната интензивна медицинска нега дава можност за поголемо преживување на заболените со тешки форми.

Кај тешките случаи, стапката на смртност е од 3 проценти до 15 проценти и се зголемува кај повозрасните категории. За оние кои ќе преживеат, опоравувањето е долготрајно, со опстојување на умор, слабост на мускулатурата, тешко одење, загуба на помнењето, депресии и слично. Не постои вакцина за луѓето. Најдобар начин за превенција е избегнување на убод од комарци кои се преносители на заболувањето.

Според податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, во 15 европски земји меѓу кои и Македонија годинава има потврда за 715 заразени по каснување од комарци, а 51 пациент починал поради компликации од заразата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот