Перцепцијата на просторот и времето се во фокусот на изложбата „Интервали“

Плакат за изложбата на Татјана Винона Јонеска / колаж

Во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 5 јули, во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата „Интервали“ на Татјана Винона Јонеска. Станува збор за втора самостојна изложба на Јонеска во родниот град Прилеп, а ги истражува лиминалните простори меѓу моментите.

– Преку динамичен спој на дела од хартија, слики, инсталација и видео, оваа мултидисциплинарна изложба се стреми да понуди подлабоко размислување за интервалите како спојници на просторот и времето. Со поетски став „Интервали“ отвора прашања за разоткривањето на скриените врски, ритми, транзиторни моменти и простори што ја обликуваат нашата перцепција – истакнува уметницата.

Татјана Винона Јонеска е уметник кој живее и работи во Лондон. Магистрирала на престижниот Кралски колеџ за уметност (Royal College of Art London), во одделот современа уметничка пракса – критичка практика. Пред тоа студирала на подеднакво престижниот Колеџ за уметности во Челси (Chelsea College of Arts) при Универзитетот за уметности во Лондон, каде што ја добила својата диплома по ликовна уметност со почести од првa класa.

Винона има мултидисциплинарна практика водена од екстензивно теоретско истражување и експериментирање, што формално се занимава со прашања околу перцепцијата, истражување за тоа како се среќаваме со просторот и како ја доживуваме темпоралноста. Учествувала на бројни групни изложби во Обединетото Кралство и на меѓународно ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот