Пазарните инспектори на терен, ги контролираат маржите на училишниот прибор

Школски прибор / Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Согласно одлуката на Владата по пониски цени се продаваат тетратки, боици, ранци, фломастери, острилки, ножици, шестари, дигитрони, креди, табли, пластелин, острилки, гуми за бришење…, а инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од денеска ќе контролираат дали трговците ја усогласиле цената на производите.

На прес-конференција, премиерот Христијан Мицковски соопшти дека на големо маржата ќе биде ограничена на пет проценти, додека на мало десет отсто.

Оваа мерка доаѓа еден ден по почетокот на учебната година, откако веќе голем број родители ги набавија неопходните материјали. Според Мицкоски, оваа мерка не е задоцнета.

Инспекторите на ДПИ ќе ги контролираат маржите на училишниот прибор

– Секогаш може да се направи нешто поинаку. Мислам дека секоја мерка е добредојдена за буџетот на семејството, од проста и едноставна причина што откако беше констатирана состојбата во малопродажбата тогаш веднаш се реагираше. И на мене не ми паѓа на памет некој производ што има увозна декларација од 50 денари да се продава по 120-150 денари. Убеден сум дека со оваа мерка ќе заштеди половина од буџетот на семејството. Да има и такви кои обезбедиле дел од училишниот прибор, но во наредниот период ќе имаме и други вакви мерки што ќе значат заштита на „есенската кошничка“ и на зимската – додаде тој.

Одлуката се однесува за ранци и ташни, тетратки, блокови, нотеси, колажи, моливи и пенкала, дрвени боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и маркери, мрсни боици, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, етуи и училишни додатоци, лепак и шестари, дигитрони, компаси и лупи.

-Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуката, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало. Како што постапувавме претходно, така и сега, нема да има компромис, законот ќе важи еднакво за сите и сите трговци опфатени со Одлуката имаат обврска да ја почитуваат – соопшти директорот на ДПИ, Горан Трајковски на неговиот Фејсбук-профил.

Ако се прекрши Одлуката, Трајковски потсетува дека ќе има казни од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на трговецот.

Највисоката трговска маржа што ја утврди Владата ќе се применува до 20 октомври годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот