Патувачката изложба „Јапонскиот лебдечки свет“ е поставена во Културно-информативниот центар во Скопје

Изложбата беше отворена на 28 јуни во КИЦ-Скопје

Амбасадата на Јапонија ја организираше патувачката изложба „Јапонскиот лебдечки свет“ на големите јапонски мајстори за дрворези од 17. и 18. век во повеќе градови низ државата, а последната поставка е изложена во Скопје.

По повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Јапонија и Северна Македонија, 30 Укијо-е реплики патуваа од Велес кон Прилеп, Ресен, Охрид, Македонски Брод, Свети Николе, Неготино, Гевгелија и Богданци.

Во секој град ученици имаа можност да дознаат повеќе за уметноста и животот за време на периодот Едо, кога се создавале дрворезите кои биле инспирирани од женската убавина, кабуки-театарот, сумо-борачите, флората и фауната итн. Дрворезите имале огромно влијание и врз француските импресионисти, како и европските постимпресионисти.

Последната изложба ја отворија амбасадорот Оцука Казуја, Антонио Димитров, директор на Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ), Маја Стефкова од „АОТС Македонија“, како и кураторот на изложбата Јасмина Намичева.

Цртежите на децата кои учествуваа во работилниците, исто така, се изложени и секое дете доби сертификат за учество, додека амбасадорот Оцука и „АОТС Македонија“ добија Укијо-е реплика од Тошусаи Шараку.

Укијо-е принтовите се донација од Друштвото на македонско-јапонско пријателство и соработка и патуваа благодарение на г. Горан Антевски, „АОТС Македонија“ и „Раде Кончар“ ТЕП на иницијатива на Јасмина Намичева („МузеумЛинк“ и „Архифакт“) и Амбасадата на Јапонија.

Финалното изложување е овозможено од Антонио Димитров и тимот на КИЦ-Скопје, поддржано и од „Пивара Скопје“ и „Тиквеш“. Изложбата во КИЦ-Скопје ќе биде достапна до 5 јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот