Патот до земјите на ЕУ води преку Македонија – досега 99 Непалци им избегале на македонските работодавци

Градежништво/ Фото: Слободен печат/Архива

Македонските работодавци се принудени да увезуваат работници од Далечниот Исток поради недостигот на домашна работна сила откако Македонците сè почесто заминуваат во европските земји барајќи подобри услови за живот и бегајќи од ниските примања во државава.

На почетокот на минатата година, тогашната власт најави дека проблемот со недостигот на работници ќе се решава со увоз на работна сила од Азија, каде што има пониска просечна плата од македонската. Како што информираат од МВР за Слободен печат, досега во Македонија дозвола за престој по основ на работен однос добиле 275 државјани на Непал, при што поголемиот дел односно 201 лице се регистрирани во текот на годинава.

Иако нивното пристигнување во земјава беше најавено како замена на работниците кои му недостигаат на бизнисот, сепак Непалците масовно бегаат од Македонија. Компаниите кои ги ангажираат сè почесто пријавуваат дека работниците од Непал многу кратко време откако ќе пристигнат во земјава им се губи трага, поточно го напуштаат местото каде што се сместени. Првиот пријавен случај за бегство на работници од Непал е во април во Прилеп, кога им се губи трагата на четири работнички од текстилна фабрика. Според податоците на МВР, досега 99 непалски работници избегале од државава од кои 85 само годинава.

Најголема причина за бегство од државата се ниските примања. Увезени работници најчесто работат во угостителството каде што нивната плата се движи од 400 до 600 евра или нешто повеќе од минималната плата во државата, па ни тие не се задоволни со овие примања па поради тоа одбираат среќата да ја бараат во земји членки на Европската унија.

Лани според податоците на Агенцијата за вработување, биле издадени близу 5.900 позитивни мислења за вработување на странски работници, а поради недостигот на работна сила, највеќе во угостителството, градежништвото и текстилниот сектор, властите минатата година ја зголеми квотата за увоз од 5.000 на 7.000 странски работници.

Но не е само Македонија случај каде што увезените работници од далечната Азија масовно бегаат. Бугарските угостители се жалат дека поради потребата на туристичката сезона вработиле голем број на работници, но по неколкудневно работење во хотелите на брегот на Црното море нелегално ја напуштаат земјата како бегалци, иако им се издадени тримесечни шенген визи.

На Балканот, според бројката на увезени работници од странство, предничи Хрватска, каде што се ангажирани 143 илјади работници од странство, најчесто вработени во угостителство на брегот на Јадранското море.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот