Партијата на Ѓукановиќ победи во Подгорица, но нема да може сама да формира власт

Мило Ѓукановиќ / Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Демократската партија на социјалистите (ДПС) на локалните избори во Подгорица освои 29,9 отсто од гласовите или 19 советнички мандати и уверливо е најсилната политичка партија во парламентот на главниот град на Црна Гора, но нема да може сама да формира локална власт.

Од друга страна, коалицијата на Движењето „Европа сега“ на премиерот Милојко Спајиќ и на Демократска Црна Гора на Алекса Бечиќ со освоени 21,8 отсто од гласовите има 14 мандати, просрпската коалиција „За иднината на Подгорица“ на Андрија Мандиќ освои 20,2 отсто од гласовите или 13 мандати, додека коалицијата на претседателот Јаков Милатовиќ и некогашниот премиер Дритан Абазовиќ „За подобра Подгорица“ освои 10,5 отсто, односно шест мандати.

На вонредните избори во Подгорица гласале 56,4 отсто од гласачите, значително помалку од 2022 кога на гласачките места излегоа речиси 70 отсто од гласачите. За власт во Подгорица е потребно мнозинство од 30-те советници во парламентот на главниот град.

Аналитичарите укажуваат дека во Подгорица партиите кои на државно ниво ја имаат власта освоиле само 43 отсто поддршка, што може да води кон вонредни избори.

„Владата ноќеска падна, го повикуваме Милојко Спајиќ наутро да поднесе оставка. Време е за враќање на ДПС на власт“, порача претседателот на ДПС Даниел Живковиќ.

Вонредните избори во Подгорица беа распишани на крајот на јули, откако претходно му беше скратен мандатот на локалниот парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот