Парламентарни избори во Австрија: И „пивари“ и „ниедна“ партија се борат за пратенички места

Прагот за влез во Парламентот е 4 отсто од гласовите - Фотографија Зоран Русмир

Со оглед дека Слободарската партија (FPÖ) на последните европски избори практично ја престигна Австриската народна партија (ÖVP) според бројот на освоени мандати и е во голем подем, на претстојните избори дури има мала предност во однос на партијата на власт

По жешката пролет и борбата за европските парламентарни фотелји, а по летната пауза, почнаа партиските кампањи за австриските парламентарни избори што ќе се одржат в недела на 29 септември.

Со оглед дека Слободарската партија (FPÖ) на последните европски избори практично ја престигна Австриската народна партија (ÖVP) според бројот на освоени мандати и е во голем подем, многу од институциите за испитување на јавното мислење и следење на изборите сметаат дека Слободарската партија е изедначена со Народната, па на претстојните избори дури и за некој процент има предност во однос на партијата на власт.

Меѓу трите најјаки партии е и Социјалдемократската (ÖSP), а во трка за пратенички места се и Зелените, блокот Нова Австрија (НЕОС) и Либерален форум, како и Комунистичката партија.

Се натпреваруваат и најмалите, но не и помалку важни партии или политички движења: Пивската партија, МФГ (Луѓе – слобода – основни права), а Вандел на гласачките места се појавува со името Кајне (што значи „ниедна“ или „ништо“).

Целите и програмите на големите и на средните партии им се одамна познати на граѓаните на Австрија. Единствена новина во кампањите е промената на правата на мигрантите за кои најмногу се залага партијата ФПО. Не се запоставени, секако, ниту економскиот раст, социјалната политика во земјата и безбедноста на населението.

Во изминатите неколку недели актуелна е и ситуацијата со поплавите и водените катастрофи, сумирањето на штетите, плановите за санација, како и можните субвенции и финансиската помош за настраданите региони во земјата. Преку изјавите на партиите на власт, како и од опозицијата, се добива впечаток дека освен грижата за настраданите, се проширува и борбата за секој глас пред изборите.

Затоа, накратко ќе се задржиме на начелата и целите на малите политички партии во Австрија, чии гласови со сигурност нема да бидат занемарливи во крајните резултати на овие парламентарни избори. Релативно голема е и веројатноста некоја од овие мали партии да биде учесник и во креирањето на политиката на Австрија во наредните четири години.

Во контекст на австриските избори, одлуката на партијата Вандел да се појави на гласачките ливчиња како „Кајне“ го одразува нејзиното настојување да не бидат поистоветени со ниту една од традиционалните партии, односно да претставуваат алтернатива во политичкиот спектар.

Пивска партија, како што кажува името, во основа се претставува како партија што генерално се изразува со критички тон кон политиката на традиционалните политички партии, а сето тоа искажано низ сатира и хумор. Таа партија, инаку, има либерални и антиестаблишментски ставови кон општествените и политичките теми како што се социјалната правда, заштита на животната средина и правата на граѓаните. Нивна целна група е младата популација на гласачи во Австрија, која е сѐ повеќе незадоволна или разочарана од конвенционалната политика на државата.

Виена пред избори – Фотографија Зоран Русмир

И на крајот, неколку реченици за најмладата (по стаж) политичка партија Луѓе-Слобода-Основни права (МФГ), која а е формирана во екот на пандемијата на ковид-19 во 2021 година со цел да се спротивстави на тогашната власт и политика во Австрија. Власта во тоа време сакаше да донесе одлука за задолжително вакцинирање на населението, но одлуката подоцна беше поништена од Уставниот суд на Австрија предизвикана од незадоволството од пандемиските мерки.

Покрај тоа што оваа партија е голем противник на антипандемиските мерки на Владата, нејзини начела и заложби се и децентрализација на власта и јакнење на локалните единици, а се залага и за почитување на правна држава со посебен акцент на заштита на правата и слободата на граѓаните загарантирани со Уставот.

Ако ги земеме предвид Претседателските избори во 2022 година, кога повеќето од кандидатите беа независни, но поддржани од одредени партии, ќе видиме дека еден од кандидатите на малите партии „откина“ добар дел од гласовите на тие избори. Тоа е Доминик Влазни, кој на овие парламентарни избори е партиски шеф и главен кандидат на Пивската партија. Во 2022 година тој беше на трето место со освоени 8,3 отсто од гласовите. Тасило Валентин, пак, настапи како независен кандидат и освои околу 8 отсто од гласовите. Неговите ставови и реторика се блиски до десничарските и конзервативните позиции, што привлече поддржувачи на Слободарската партија на Австрија (FPÖ).

Ситуацијата на теренот и резултатите од анкетите спроведени во септември, a според Институциите за испитување на јавното мислење и следење на изборите, ни даваат до знаење дека ниту една од партиите нема да го освои мнозинството, појава што се повторува во неколку изборни циклуси наназад. Во моментов тоа изгледа вака: Слободарската партија на Австрија води со рејтинг од околу 26-27 отсто, Австриската народна партија ги следи со 25 отсто, а Социјалдемократската партија е на трето место со поддршка од околу 20-21 отсто.
Зелените и NEOS моментално имаат рејтинг од околу 9 до 10 отсто, додека помалите партии како Комунистичката партија и Пивската партија се блиску до границата од 4 отсто, која е потребна за да се помине изборниот праг.

Тоа подразбира дека и на овие избори ќе има фрагментиран парламент каде што сите партии што учествуваат на изборите ќе имаат свој глас во преговарањето и формирањето на коалициите за формирање на парламентарно мнозинство и идната влада.

За потсетување, Австрија користи пропорционален изборен систем и за апсолутно мнозинство се потребни 92 мандати од вкупно 183 колку што се избираат во Националното собрание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот