Парите ги дупчат законите

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Зошто се чекаше да се уништат економски многу семејства додека се донесе закон со кој се замрзнуваат каматите до ниво на долгот, зошто дури сега се ограничуваат вкупните трошоци за брзите кредити? Зошто толку „ценкање“ за новиот закон за работни односи? Jавна тајна е дека зад „сите законски пропусти“ стои силно лоби што своите интереси ги остварува со помош на корупција.

Кога во 2019 година бомбастично се најави дека се става крај на огромните камати и разноразни трошоци што се нарекуваат поинаку од камати за земените брзи кредити, изјавите звучеа убедливо, дека никогаш веќе нема да се случи позајмицата да се претвори во повеќекратен долг. Но, по четири години, ништо не се помрдна од старата практика за сега да осамне нова регулатива – измени во Законот за финансиски друштва, со кои експлицитно се става рамка според која сите трошоци, и во проценти и во апсолутни износи, кога ќе се соберат, не смеат да надминат 60 отсто од одобрениот кредит. Мораше ли да помине олку време, мораше ли толку многу луѓе да паднат во должничко ропство за да се донесе разумно законско решение? Вообичаен коментар за „сите законски пропусти“ е дека зад тие дупки стои силно лоби.

Финансиските друштва со својата моќ не се за потценување. Секако дека не треба да се замижува пред очи на непплаќачите. Во тој случај и финансиските друштва би пропаднале. Тоа се легитимни институции, кои вложиле пари во овој бизнис и на многумина им се нашле како брз одговор во случај на потреба од пари. Но, едно е бизнис, а друго е бескрупулозно лихварство.

Дека од камати и провизии се земаат лесни и големи пари, покажува и извршувањето на долговите. Се случи невиден „лов на вештерки“, многу семејства банкротираа, психички попуштија откако извршителите им затропаа со сметки од бивша Југославија од старото Електростопанство на Македонија (ЕСМ). Излегоа на површина неплатени долгови од пред 20-ина години, а судии сведочеа дека им биле дадени предметите отпосле, откако се приватизираше Електростопанството за да удрат печат и да почне постапката за натрупаните сметки по фиоките. Кога се приватизираше дел од тогашното ЕСМ, еден од горливите проблеми беше катастрофалната наплата и многу натрупани долгови на граѓаните, фирмите, институциите… Секако дека не е поентата во тоа едни да плаќаат, а други не, но не може ако некој некогаш си свиркал, не наплатувал долгови потоа да ги тупне за наплата и од тоа да заработи! Тогашното образложение беше дека судовите имале многу работа и не можеле да ги извршат предметите, па затоа се воведоа и извршителите. Кога се продаде дистрибуција на австриската ЕВН, таа се продаде со преземени долгови и се направи калкулација колку на таков начин може да наплати. Но, излезе дека од целиот процес заработија најмногу извршителите. Во меѓувреме, на улиците излегоа граѓаните и невладини здруженија. По притисокот, се намали малку наградата за извршителите, и почна да се средува регулативата.

Зошто толку време беше потребно до последново законско решение, според кое „казнената камата не може да го надмине главниот долг“. И зошто пред неколку години, исто така, бомбастично се најави дека се замрзнува камата до нивото на долгот, за потоа на виделина да излезе дека станува збор само за договорната камата, а казнената (што сега се замрзна) и понатаму си течела. Зарем тоа не го знаеше подносителот на законски измени или дотаму стигнало ценкањето со моќното лоби.
Според списокот што го објави „Фактор“, во 2022 година најголем чист профит направила извршителката Николина Иванова од Битола – 156.000 евра, зад неа е Весна Деловска од Скопје со 151.000 евра, па Премтим Ќерими од Куманово со 140.000 евра…

Од законите што речиси нема кого не засегаат, уште се крчка новиот закон за работни односи, веќе петта година. И постојано се најавува: „Еве, при крај е!“. А крајот никако да дојде. Најголем камен на сопнување беше работата на определено време. Каква негативност носи таквото работење, се покажа во време на пандемијата со лежерното откажување на договорите од работодавачите. Сега, синдикатите, Владата и работодавачите велат дека постигнале компромис, па на определена работа нема да може да се оди пет години (како што со децении се правеше), ама ќе може две. Сепак, според Синдикатот, има уште многу „закачки“ во новото законско решение, па затоа уште тоа стои „на разгледување“.
Една стара изрека вели „Парите вртат каде што сврделот не сака“. Преведено на конкретниве случаи – „парите ги дупчат законите“. Со корупција што вреска од сите страни, кроењето на законите со сите дупки не е случајно, иако практиката покажала и многу голема неукост. Примери има многу, а последиците се катастрофални. Ваквата практика мора да престане, во спротивно законските дупки ќе го „проголтаат“ народот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот