Снимени мистериозни звуци во стратосферата, никој не може да го открие нивниот извор

Фото: Pxfuel

Во стратосферата на Земјата се снимени нискофреквентни звуци со мистериозно потекло. Ги снимиле балони на соларна енергија кои лебдат во тој појас на Земјината атмосфера.

Даниел Бауман и неговите колеги од Сандија нешнал лабораторија (Sandia National Laboratories) во САД мереле инфразвучни сигнали, односно звуци со толку ниска фреквенција што се нечујни за човечките уши, со помош на балони на соларен погон кои лебдат на надморска височина од 20 километри над површината на земјата, пишува „Њу саентист“ (New Scientist).

Фото: Wikimedia Commons

„Кога пред многу години почнавме да летаме со балони, не знаевме што ќе слушнеме. Научивме како да ги препознаваме звуците на експлозии, падот на метеорите, авионите, грмотевици, бурите и градот. Но, речиси секогаш кога испраќаме балони, пронаоѓаме звуци што не можеме да ги идентификуваме“, истакнува Бауман.

Американските научници направиле балони широки околу 7 метри од тенка пластика. Балоните ги наполниле со прав од дрвен јаглен кој се загрева на силно сонце и што прави балонот да лета. За разлика од метеоролошките балони, кои се креваат додека не пукнат, овој тип на балон со соларен погон може со часови да лебди во стратосферата, носејќи инфразвучни сензори на стотици километри. Истражувачите поставиле повеќе од 50 балони во текот на седум години, почнувајќи од 2016 година.

Стратосферата звучи сосема поинаку од површината на Земјата, според анализата на податоците што ги собрале во тој период. На Земјата, инфразвучните сензори собираат сигнали отфрлени од ветровите надолу, но балоните лебделе над тие ветрови и забележале траги од турбуленции во другите делови на атмосферата и инфразвучни звуци од морските бури.

Сепак, Бауман вели дека многу инфразвучни сигнали од стратосферата немале очигледно потекло.

Студија поврзана со тие мистериозни звуци во стратосферата беше претставена на 11 мај на состанокот на Акустичкото друштво на Америка во Чикаго.

Бауман вели дека мистериозните сигнали би можеле да бидат поврзани со типови на атмосферски турбуленции кои не се видени досега, но стратосферскиот инфразвук ретко бил проучуван, па затоа е тешко да се направат темелни претпоставки.

Тој додава дека едно од првите истражувања на балон од овој вид бил експеримент на американските воздухопловни сили, со кодно име „проект Могул“, кој се обидел да открие инфразвучни сигнали од тестирање на нуклеарно оружје во Советскиот Сојуз во 1940-тите.

Еден од балоните на „проект Могул“ се урна во Розвел, Ново Мексико, откривајќи ја тајната програма на јавноста. Обидот да се прикрие целта на балонот поттикна теории на заговор за НЛО, истакнува Бауман, а повеќето податоци од летовите со балон, кои се случија во 1960-тите, се сметаа за класифицирани.

Фото: Pxhere

Бауман сега работи со НАСА за да развие слична технологија за балони за уште помалку истражено место – облаците на Венера. Тој и неговите колеги сакаат да ги приспособат своите балони на соларна енергија за да снимаат инфразвук над површината на Венера, што може да биде корисно за снимање на сеизмичката активност на планетата соседна со Земјата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот