Османи ќе оперира, Груби ќе предава, а Маричиќ и Шаќири – на апанажа!

Колаж на Слободен печат

Ако пратеничките и министерските плати се околу 2.000 евра, а одобрени апанажи веќе има за околу 40 ексфункционери, тоа значи дека од државниот буџет месечно веќе се трошат околу 80.000 евра за нивните плати. Очекувањата се дека до истекот на рокот за поднесување на барање, на апанажа ќе бидат најмалку 50 поранешни функционери.

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, ексвицепремиерката за добро владеење Славица Грковска и поранешните министри за надворешни, за локална самоуправа, информатичко општество и за животна средина – Бујар Османи, Ристо Пенов, Азир Алиу и Каја Шукова – нема да поднесат барање за апанажа, односно нема да бидат на товар на буџетот уште една година.

Дел веќе се вратиле на старите работни места, дел, пак, го оствариле правото на пензија. Од тимот на експремиерот Димитар Ковачевски досега побарале од Комисијата за избори и именувања право на апанажа ексвицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министерот за образование Јетон Шаќири, додека поранешниот шеф на државната каса Фатмир Бесими и ексминистерот за правда Кренар Лога уште размислуваат дали уште една година ќе бидат на државни јасли. Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши не ни одговори дали ќе бара апанажа. Се очекува Комисијата утре да ги одобри апанажите за Маричиќ и за Шаќири.

Кренар Лога – министер за правда / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Колку функционери од претходната влада една година ќе примаат по околу 2.000 евра месечно ќе се знае до 23-ти овој месец, кога истекува рокот да поднесат барање за апанажа. Досега Комисијата одобри апанажа за 36 поранешни пратеници.

Од 20 министри, колку што броеше кабинетот на Ковачевски, нема многу поранешни министри да бидат на апанажа зашто повеќето ексфункционери од СДСМ се пратеници, вклучително и експремиерот. Освен Ковачевски, пратеници се речиси сите поранешни министри од СДСМ, и тоа Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Јованка Тренчевска, Љупчо Николовски, Фатмир Битиќи, Славјанка Петровска и ексдиректорката на УЈП Сања Лукаревска.

Груби се враќа на професорското место на Тетовскиот универзитет

Артан Груби во изјава за „Слободен печат“ вели дека нема да бара апанажа и дека се враќа на Тетовскиот универзитет.

Фото: Фејсбук

– Предавам на Тетовскиот универзитет, на Факултетот по новинарство. Работното место ми беше во мирување. Во партијата сум шеф на кабинетот на Али Ахмети и член на Претседателство и на Генералниот совет – ни изјави Груби.

Сопартиецот Бујар Османи ни изјави дека се пријавил во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

– Нема да поднесам барање за апанажа. Се пријавив на Клиниката за дигестивна хирургија, каде што ми мируваше работното место – ни изјави Османи.

Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Апанажа нема да бара ни ексминистерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу од Алијанса на Таравари. Тој не прецизира дали очекува функција во некои од владините ешалони.

– Нема да барам апанажа. Ќе работам тоа што најдобро го знам – информатички технологии, каде што имам 25 години работно искуство – ни изјави Алиу.

Ристо Пенов, пак, веќе поднел документи за пензија. Славица Грковска вели дека се вратила на старото работно место во МВР. И ексминистерката за животна средина Каја Шукова останува во Министерството, но на старото работно место – раководител на сектор.

Каја Шукова/Фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Меѓу поранешните министри што веќе поднеле барање за апанажа е Бојан Маричиќ. Тој за „Слободен печат“ вели дека нема работно место и затоа побарал апанажа.

– Со оглед на тоа дека пред седум години ја напуштив организацијата во која бев постојано вработен, немам работно место кое чека во мирување. Затоа ја искористив законската можност да побарам апанажа, според законски утврдените права на поранешните функционери – ни изјави Маричиќ.

Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски интеграции / Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

Јетон Шаќири ќе биде уште една година на државна плата, зашто како министер за образование дошол од функцијата директор на ЈП „Водовод“ Струга. Бидејќи директорската функција не може да се стави во мирување, Шаќири вели дека нема старо работно место и затоа побарал апанажа. Тој претходно работел и во претпријатието „Колекторски систем“. Одговор дали ќе бара апанажа не добивме само од поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.

 За апанажи, буџетот месечно пократок за 80.000 евра

Ако пратеничките и министерските плати се околу 2.000 евра, а одобрени апанажи веќе има за околу 40 поранешни функционери, тоа значи дека од државниот буџет месечно веќе се трошат околу 80.000 евра за плати на поранешни функционери. Очекувањата се дека до истекот на рокот за поднесување на барање, на апанажа ќе бидат најмалку 50 поранешни функционери. Надоместокот, во согласност со Законот, е во висина на платата што именуваното лице ја добивало додека било на функцијата.

Претходно, по формирањето на техничката влада, правото на апанажа го остварија експремиерот Димитар Ковачевски и ексминистерот за внатрешни Оливер Спасовски. Апанажата им беше прекината откако на двајцата им беше верификуван пратеничкиот мандат. Ковачевски и Спасовски земаа месечно по 2.500 евра.

Фото Влада на РСМ

Апанажа веќе им е одобрена на вкупно 36 поранешни пратеници, и тоа Арбен Зибери, Љатифе Шиковска, Енес Ибраим, Снежана Калевска Ванчевска, Бастри Бајрами, Вјолца Адеми и Бедри Фазли. Една година правото на апанажа ќе го користат и Жаклина Лазаревска, Соња Михајловска, Ненад Коциќ, Марија Георгиевска, Санела Шкриељ, Дарко Каевски, Марија Костадинова, Марија Ангелова, Емилија Рамбабова, Љупчо Балковски, Белкиса Зеќири, Даниела Колева, Бајрам Кадрија, Аднан Незири, Лолита Ристова, Диме Велковски, Артина Ќазими, Марија Кочовска, Мухамед Кадриов, Маја Морачанин, Боби Мојсоски, Кастриот Реџепи, Лазе Таневски, Мартин Костовски и Мирче Аџиовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот