Орбан во официјална посета на Македонија – најавена заедничка владина седница

Фото: МИА

Заемот од Унгарија, билатералната соработка, унгарскиот мобилен оператор 4iG, како и унгарската поддршка за евроинтеграцискиот процес на Македонија се очекува да бидат во фокусот на разговорите меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан, кој утре ќе пристигне во Охрид.

Премиерот на Унгарија ќе ја предводи делегацијата од унгарската влада, а најавени се и средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.

Орбан ќе биде во дводневна посета на Македонија, а како што соопштија од македонската Влада, в петок е предвидена официјална тет а тет средба. Потоа ќе се одржи и заедничка меѓувладина седница во хотелот Инекс Олгица, а по завршувањето, двајцата премиери ќе имаат прес-конференција.

Најголем интерес во јавноста предизвикува заемот од Унгарската експорт – импорт банка во износ од 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.

Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Дополнително, Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.

Половина од средствата од овој заем, како што беше појаснето од владините претставници, ќе се користат за развој на општините, а другите како помош за економијата и за буџетски потреби.

Инаку, за време на посетата на унгарската владина делегација, вообичаено за гостите се организира прошетка низ Охрид и разгледување на најзначајните места во градот и околината. Па така, Орбан ќе ја посети црквата Богородица Перивлепта, како и Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а заедно со Мицкоски и Орбан ќе положат и цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.

Утре и задутре посебен режим на сообраќај во Охрид поради доаѓањето на Виктор Орбан

Инаку, поради посетата на Орбан СВР Охрид најави посебен сообраќаен режим.

– На 26 и 27 септември, на улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ ќе биде забрането запирање и паркирање на патнички и други моторни возила, а во тек на движење на возилата во состав на делегациите, привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе“, булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“, како и регионалниот пат Охрид-Св.Наум. На 27 септември безбедносните мерки во сообраќајот ќе бидат преземани и на подрачјето на Пештани и Љубаништа – информираат од охридската полиција.

Полицијата апелира до граѓаните да ги дислоцираат возилата од паркинг местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и кеј „Македонија“.

На државната сметка се чека да легнат 500 милиони евра: Во Собранието помина Законот за задолжување во приватна банка во Унгарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот