Орбан: Историска грешка е што сте ставени зад Албанија

Орбан во Охрид Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Унгарија е подготвена да ѝ помогне на Македонија во спорот со Бугарија

Националната гордост е најважна за една нација, а одлуката на ЕУ претставува токму повреда на националната гордост во Северна Македонија. Тоа создава рани, голема грешка е што вие не сте членка на ЕУ и грешка е што друга земја, Албанија, се форсира, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата во Охрид со својот македонски колега Христијан Мицкоски

Унгарија е подготвена да посредува во решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија, а Софија треба да каже дали прифаќа таква помош, порача унгарскиот премиер Виктор Орбан од Охрид.

Орбан во Охрид Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Орбан е во дводневна официјална посета на Македонија и предводеше делегација од десетина министри. Засилено полициско обезбедување, работници што вредно ги чистат улиците, а градот речиси празен, без автомобили, таква беше атмосферата во Охрид вчераутро за време на посетата на унгарската владина делегација.

Најважната тема во разговорите меѓу Орбан и неговиот домаќин премиерот Христијан Мицкоски била европската интеграција на Македонија. На заедничката прес-конференција на крајот од разговорите, Орбан се пофали дека ова била нивна 18. средба и говореше за братските односи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и неговата Фидес како сестрински партии. Голем дел од прес-конференцијата помина со изјави и прашања за евроинтегративниот процес и раздвојувањето на Македонија и Албанија на европскиот пат.

Орбан во Охрид Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Унгарија, како претседавач со Европската Унија, е подготвена да помогне во спорот со Бугарија и да посредува меѓу двете држави. Тешко е да се разбере зошто Албанија е издвоена. Тешко е тоа да го разбере една нација. Сакам да нагласам дека националната гордост е најважна за една нација, а одлуката на ЕУ претставува токму повреда на националната гордост во Северна Македонија. Тоа создава рани, голема грешка е што вие не сте членка на ЕУ и грешка е што друга земја, Албанија, се форсира. Вие до крајот на годинава мора да ги отворите преговорите со ЕУ – изјави унгарскиот премиер на прес-конференцијата.

Орбан во Охрид Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Тој пред новинарите кажа и дека зачленувањето на Македонија во ЕУ е важно и за Унгарија.

– Најважна тема е зачленувањето на Македонија во ЕУ, а Унгарија како претседавач со ЕУ сака да помогне. Нашиот став е јасен, зачленувањето на Западен Балкан е важно за неговата стабилност, но и за стабилноста на Унгарија, па и на самата ЕУ. Унијата во меѓувреме ја загуби динамиката и затоа мора да обезбедиме проширување. Не го одминуваме фактот дека Украина и Молдавија добија вонредно забрзување кон ЕУ, но мора да ги почитувавме земјите што долго работат на зачленувањето. Нивниот застој во процесот, како во случајов со Северна Македонија, не е фер. Подготвени сме да разговараме за овие прашања и да работиме на тој план – рече Орбан.

Христијан Мицкоски / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

За Мицкоски посетата на Орбан е доказ дека двете земји имаат одлични пријателски односи и соработка, кои се продлабочуваат секој ден.

– Унгарија не е само наш партнер на европската сцена, туку и пример како една држава може да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција. Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на ЕУ и на нашите аспирации за полноправно членство – изјави Мицкоски.

Орбан во Охрид Фото: Слободен печат/Драган Митрески

На економски план, она што беше најважно е кредитот што Македонија го зеде од Унгарија во вредност од 500 милиони евра. Имаше многу шпекулации дали тие пари Кина ѝ ги позајмила на Унгарија.

– Важно ни е Македонија да има стабилна влада и да ѝ помогнеме за зачленување во ЕУ. Ние имавме и добри и негативни искуства во тој наш процес. Располагаме со финансиски средства, но ‘Македонија е на Македонците’, нели, и тие ќе кажат каква помош е потребна – рече Орбан.

Тој демантираше дека парите се од Кина, објаснувајќи дека парите што Унгарија ги добива од Кина се наменети само за проекти во земјата, додека парите што ги добива Македонија се европски пари.

– Кинески пари не можеме да ви даваме, а европски пари можеме и ќе ви ги даваме – рече Орбан во одговор на новинарското прашање.

Од аспект на Унгарија, како што кажа, економијата не е најважно прашање меѓу нашите две држави, туку е второстепено, па освен за европските интеграции, двајцата премиери разговарале и за тоа колку Македонија е важна за безбедноста на Унгарија, бидејќи се наоѓа на мигрантската рута.

Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Двајцата премиери прво одржаа тет-а-тет средба во претседателската вила, на која, како што изјави премиерот Мицкоски, било потврдено стратегиското партнерство и порача дека Унгарија е пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција.

По таа средба, двете влади одржаа заедничка меѓувладина седница во хотелот „Инекс Олгица“. Економската соработка, инфраструктурните проекти, културната размена, како и борбата против криминалот и корупцијата беа во фокус на заедничката меѓувладина седница што се одржа во Охрид.

Христијан Мицкоски и Викор Орбан / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Посетата на Орбан доаѓа по цели 11 години, кога во 2013 година, исто така, дојде во Охрид, каде што имаше средба со тогашниот премиер Никола Груевски. Тогашниот претседател на државата Ѓорѓе Иванов му додели Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка меѓу Македонија и Унгарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот