Опасен предизвик од „ТикТок“ се шири меѓу децата, алармира наставничка од скопско училиште

Загрижена наставничка од основно училиште од Скопје алармира дека опасен предизвик промовиран на социјалната мрежа „ТикТок“, во кој децата намерно се онесвестуваат, добива популарност меѓу учениците во Скопје, објави порталот „Локално“.

Децата, според наставничката, масовно го пробуваат предизвикот на онесвестување, кој може да има сериозни последици.

„Не знам како точно се вика предизвикот, но децата велат дека го виделе на ТикТок. Си ги стискаат дијафрагмите сè додека не се онесвестат. Некогаш тоа го прават еден на друг, некогаш сами. Но, имало случај кога дете останало онесвестено подолго време, па морале да го прскаат со вода и да повикаат некој да им помогне,“ вели наставничката за „Локално“.

Таа изразила сериозна загриженост дека не станува збор за изолирани случаи, туку за широко распространета појава која ги загрозува здравјето и безбедноста на децата.

„Тоа не го прават само на училиште, туку кажуваат дека пробуваат и кога се сами дома“ вели таа, повикувајќи ги родителите да бидат внимателни и да разговараат со своите деца за потенцијалните ризици од ваквите „игри“ на интернет.

„Децата не се свесни дека ваквата навидум ‘игра’ може да има тешки последици или да резултира со трагедија,“ додаде таа.

Предизвикот со онесвестување е опасен бидејќи се прекинува доводот на кислород во мозокот. Во слични форми, оваа пракса како феномен се јавува во последните триесет години, а последната варијанта, популаризирана преку „ТикТок“ и други социјални мрежи, е причината за дваесетина смртни случаи во САД во последнава година, при што најмладата жртва имала само осум години, пишуваа пред неколку месеци американските медиуми. Од 1995 година наваму, вкупно 82 смртни случаи се поврзани со опасниот предизвик, според американскиот Центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот