Оформувањето на 65 предмети за корупциски пријави во предизборниот период – најматен настан во септември според Транспаренси

Гласање избори 2024 / Фото Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Како дел од проектот „Бистро-матно“ за редовни месечни и годишни анкети за корупција, „Транспаренси интернешнл-Македонија“, ги објави настаните кои беа актуелни во септември.

Како дел од „матните“ настани во месец септември предничи оформувањето на 65 предмети од страна на ДКСК во врска со повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата.

„Во периодот на изборниот процес Државната Комисија за спречување на корупција оформила вкупно 65 предмети, кои се резултат на пријави за сомневање за сторени повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата, предмети оформени по сопствена иницијатива на Комисијата, како и приговор поднесен од организатор на изборна кампања“.

Како втор најматен настан за септември е извештајот на Државниот завод за ревизија кој утврдила низа неправилности во финансиското работење на Универзитетската клиника за неврологија.

„Државниот завод за ревизија во својот конечен извештај финансиското работење во 2023 година на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за неврологија изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и резервирано мислење за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива. Во дел од спроведените постапки за јавни набавки била констатирана несоодветна примена на Законот за јавни набавки“.

Како трет „матен“ настан за септември е извештајот на ДЗР во кој се евидентирани недоследности во управувањето со буџетските средства и судските депозити.

„Ревизорскиот извештај за финансиското работење на Основниот граѓански суд Скопје за 2023 година открива сериозни системски слабости и недоследности во управувањето со буџетските средства и судските депозити. Според наодите, Судската власт не го добива законски утврдениот процент од буџетот на државата, а дел од финансиските документи не се комплетни или се застарени. Дополнително, ревизорите откриле недостиг на веродостојни сметководствени документи за недвижностите во кои е сместен судот, како и договор за закуп на деловна просторија од 1989 година, кој не е ажуриран со новиот валутен режим. Ревизијата исто така укажува на проблеми со судските депозити, кои датираат од периодот 2005-2023 година, а нивниот статус не е правилно утврден. Ова го отвора прашањето за транспарентноста и управувањето со судските средства“.

Исто така во матните настани се најде и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

„Анализите на Центарот за граѓански комуникации велат дека најголем дел од лицата вклучени во јавните набавки во институциите или 56 отсто сметаат дека фирмите се поголеми генератори на корупција отколку институциите и вработените во нив, а 16 отсто сметаат дека двете страни ја генерираат корупцијата. Во постапката за јавни набавки во државните институции често има корупција, велат лицата задолжени за јавни набавки во институциите за спроведување на овие постапки. Таа е најприсутна како последица на политики интереси, но и во форма на поткуп. Поголем генератор на корупција се фирмите што се пријавуваат на тендерите отколку луѓето во институциите. Ова го покажуваат податоците од Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки, објавен од Центарот за граѓански комуникации“.

Како последен матен настан според „Транспаренси“ е и барањето за измени во Законот за урбанистичко планирање од страна на 13 граѓански организации.

„До пратениците во Собранието О2 иницијатива и 12 други граѓански организации доставија предлог закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, во насока на зголемување на транспарентноста на постапката на донесување на урбанистички планови и одобрување на урбанистички проекти со цел зголемено и навремено учество на јавноста, Советот на општината и со тоа намалување на ризицитеод корупција“.

Во „бистри“ случаи Транспаренски интернешнл – Македонија ги наведува отворената предистрага за судијата Eљведин Ферати, кој со пречкртување си поправал оценки на тетовскиот универзитет и отворената постапка против поранешната организациска директорка на Клиниката за Токсикологија, Бесија Иљази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот