Односот кон туѓата нега сѐ уште како кон туѓо гајле

Жена што две децении оди на дијализа и не може без помош да се грижи за себе е оставена без додатокот за туѓа нега поради недостиг на термини за конзилијарни мислења – повеќе од шест месеци!

Граѓаните што имаат право на туѓа нега поради медицински состојби, сѐ уште се без пари поради застојот во работата на комисиите што одлучуваат по нивните барања. Скопјанката Силвана Костиќ, која е пациентка на дијализа 21 година, вели дека уште не може да добие конзилијарно мислење затоа што не е во можност да закаже термин. Таа без парите наменети за туѓа нега е повеќе од шест месеци, иако состојбата со пандемијата полека се по стабилизира.

– Народниот правобранител веќе е инволвиран во случајот затоа што моите права се загрозени. Мене никогаш нема да ми проработат бубрезите и нема да ми се подобри состојбата, а сепак ме тераат да доставувам документи за да добијам ново конзилијарно мислење и да можам да ја добијам туѓата нега. Меѓутоа, термин за овие конзилијарни мислења не може да фати ни мојот матичен лекар, ни внука ми која е лекарка. И двете чекаат некако да се ослободи термин, но тоа не се случува со месеци. Веќе сум без тие пари шест месеци. Во меѓувреме, ја оперирав и раката и сега, згора на сѐ, функционирам со една рака – изјави Костиќ за „Слободен печат“.

Министерството за труд и социјална политика знае за проблемот со недостигот на термини во комисиите. Тие неодамна го зголемија бројот на термини од 200 на 280 месечно по комисија, меѓутоа, и тоа не е доволно да се опфатат сите граѓани на кои што им е потребен додатокот.

„Во постојана координација сме со Министерството за здравство за надминување на проблемот, со олеснување на пристапот за граѓаните за остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице. Месечниот број термини до надминување на пандемијата се зголеми од 200 на 280 по комисија. Корисниците на правото на надоместок за помош и нега од друго лице кои го користат правото со контролен преглед, по добивање нов наод, оцена и мислење на потребата од помош и нега, продолжуваат да го користат правото, доколку наодот е позитивен и за нив следи ретроактивна исплата од денот на контролниот преглед“, ни рекоа од Министерството за труд и социјала неодамна.

Пациентите што имаат проблеми како, на пример, трајно оштетување на бубрежната функција или слепило во висок процент што нема никогаш да се промени, не се задоволни што им е наложено на одреден временски период да доставуваат документи за да добијат додаток или помош од државата. Тие велат дека непотребно им се бараат едни исти документи, непотребно се малтретираат и чекаат во редици, за на крајот да се покаже дека ништо со нивната медицинска состојба не е поинакво од претходниот состанок одржан за да добијат конзилијарно мислење. Тие бараат да добиваат трајни решенија за туѓа нега.

Во стручните комисии формирани во јавните здравствени установи има тројца лекари-специјалисти или субспецијалисти од областите на интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офтамологија. Термините се закажуваат преку матичните лекари, а ги обезбедуваат исклучиво лекарски комисии од јавните здравствени установи. Во земјава има само 15 комисии, и тоа пет во Скопје и десет во другите клинички и општи болници во земјата.

Силвана Костиќ од Скопје крајно разочарана од институциите: Во пандемија ми ја укинаа туѓата нега, нови бубрези нема да ми пораснат!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот