Од трамвај до брз автобуски превоз, следно ветување за скопјани е градскиот воз

Патници чекаат автобус, а возачите на ЈСП штрајкуваат / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Секоја наредна градска власт има различна визија за јавниот превоз во Скопје, но досега ниту едно ветување не e исполнето. Од бесплатен јавен превоз, брз автобуски превоз, трамвај, се стигна до најновиот предлог – градски воз.

Додека политичарите најавуваат разни решенија за јавниот превоз во Скопје, граѓаните сè уште чекаат по половина час на автобуските постојки и се возат во неклиматизирани и нечисти автобуси.

Од друга страна, приватните превозници често најавуваат протести и прекин на приватните автобуски линии. Таква најава имаше и во понеделникот, но тоа не се случи.  Причината за протестот, според приватниците е поради неисплатените обврски кои ги има ЈСП кон нив. Тие тврдат дека не добиле пари од декември, а долгот изнесува 140 милиони денари.

Градоначалничката Данела Арсовска, пак, тврди дека нема долг од 140 милиони денари, а ваквата нивна одлука е само на штета на граѓаните.

Невозењето на приватните автобуси ги продлабочуваат „превозничките“ маки на скопјани, кои постојано се жалат дека автобусите се нередовни или воопшто ги нема.

Многу неуспешни обиди за изградба на трамвај

Обид за воведување на електричен трамвај во Скопје е направен уште во осумдесеттите години на минатиот век. За таа цел  институтот на Факултетот за сообраќај во Белград  изработи студија во 1986 година, а дури бил и распишан референдум за воведување трамвај, но граѓаните тогаш биле против негова изградба.

Најави имаше и кога градоначалник на Скопје беше Ристо Пенов. Истото решение го нудеше и Трифун Костовски, а потоа и Коце Трајановски.
Во 2006 година, во време кога Костовски беше градоначалник на Скопје, беше објавен тендер за пронаоѓање консултантска компанија која ќе изработи студија за шински превоз во Скопје. Потоа во 2009 година беше распишан тендер за изградба на првата фаза од трамвајската линија, но за брзо време беше поништен.

Во 2010 година со промена на власта, новиот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски одлучи да избере консултант што ќе изработи нова физибилити студија за трамвајот, а наместо со финансирање преку буџетот, одлучено е трамвајот да го гради приватен инвеститор.

По многу неуспешни обиди, во 2015 година Градот Скопје ја поништи одлуката, а изградбата на трамвајот ја одложи на неодредено време. Потоа во 2016 година, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски соопшти дека во Скопје нема да се гради трамвај.

БРТ и еко-автобуси наместо трамвај

Петре Шилегов кој ја презеде функцијата градоначалник на Град Скопје од Трајановски се откажа од идејата градот да добие трамвај и најави брз автобуски превоз. Воведувањето на БРТ, според Шилегов, би имало повеќекратни придобивки и е поисплатлив проект од трамвајот.

Проектот опфаќа две линии со коридори резервирани за брз автобуски превоз – Линија 1 (исток – запад, од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче) од 12,81 километри и 21 автобуска станица, а планирана е и Линија 2 (север – југ од железничката станица на бул. БИХ до бул. Борис Трајковски) во должина од 10,4 километри со 20 автобуски станици.

Во мометов овој проект е стопиран и не се гласа на седница на Советот на Град Скопје, иако во 2021 година државното собрание го донесе Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, со кој државата се задолжува кај ЕБОР со 70 милиони евра.

Фото: Град Скопје

Во Законот е прецизирано дека заемот се доделува во две транши, првата е во износ од 47.600.000 евра, а втората од 22.400.000 евра. Рокот за отплата на првата, а потоа и на втората транша е 15 години со вклучен грејс период од четири години.

Во Законот за задолжување се вели и дека државата ќе ѝ плаќа на Европската банка за обнова и развој „провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво. За износот на неповлечени средства од заемот за првата транша провизијата ќе започне да се пресметува по 60 дена од денот на потпишувањето на Договорот за заем , а провизијата за неповлечени средства за втората транша ќе започне да се пресметува по седум дена од денот на достапноста за користење на втората транша“.

Веднаш потоа Град Скопје, Министерството за финансии и ЕБОР го потпишаа договорот за БРТ, а во кон крајот на октомври 2021 година на веб-страницата на банката беше објавен меѓународниот тендер. Тендерот опфаќа проектирање и изградба на коридорот на линијата 1 од БРТ, како и изградба на депо во Ново Лисиче и надградба на депото во Ѓорче Петров.

Проектот за изградба на систем за брз автобуски превоз се подготвуваше две години и во него беа вклучени реномираните експерти од универзитетите во Скопје и Битола, Белград, Лондон и Брисел.

Актуелната градоначалничка Данела Арсовска го наследи овој проект од Шилегов, но се уште не е реализиран.

Фото: ЈСП „Скопје“

И предлогот за набавка на нови еколошки автобуси, со кредитно задолжување на Град Скопје во некоја од домашните банки досега 20 пати се најде на седница на Советот, но никако да се изгласа.

После последното гласање на минатата седница, кога по којзнае кој пат предлогот доби поддршка само од неколку советници, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески категорично рече дека додека е претседател на Советот, нема да дозволи оваа точка повторно да се најде на дневен ред на седница.

Есента Арсовска се пофали дека во буџетот за 2024 година ќе се буџетира и ветениот бесплатен јавен превоз за сите граѓани. Но кога буџетот се најде на седница пред советниците, во него не беа предвидени средства за набавка на нови автобуси што е еден од условите за да се обезбеди бесплатен превоз.

– Доколку Арсовска предвидеше средства за набавка на автобуси во буџетот за 2024 година, ќе гласавме. Но, не предвиде – вели Славески.

Градоначалничката во својата предизборна програма „За модерно Скопје“ освен бесплатен превоз ветуваше и нови 250 еколошки автобуси.

EPA-EFE/IAN LANGSDON

Скопје ќе добие и градски воз?

Најновото решение за градскиот превоз во Скопје е градски воз.

Новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски најави дека е можно следната сезона во Скопје да се воведе градски воз и да се искористи постојната железничка инфраструктура.

Според него, постојната железничка инфраструктура во градот Скопје е релативно добра и ќе овозможи да се искористи и граѓаните за точно определено време да може да стигнуваат на пример од Драчево до Скопје.

На тој начин, како што изјави Николоски во гостување на ТВ Сител, ќе можат брзо да дојдат до центарот и за тоа ќе можат да се искористат возовите кои се купија на крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Политичарите имаат разни ветувања за решавање на проблемот со јавниот превоз, а граѓаните и натаму чекаат да добијат подобар и поорганизиран јавен превоз. Пред повеќе од една година Скопје остана без јавен превоз откако приватните превозници неколку месеци не возеа, а нивните автобуси беа паркирани по булеварите. Граѓаните се жалат и на распоредот на тргнувањето и автобуските линии кои не се ажурирани со години, и не е земено во предвид населувањето на нови жители во градот. Секојдневните корисници на автобускиот превоз велат дека секојдневно има прескокнување на саатниците за тргнување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот