Од многу „реконструкции“, Универзална сала остана само железен костур

Фото: Слоноден печат/Анета Стојковска

Обновата на салата што цело време се одвива по принципот тргни-застани, по пожарот во април е целосно запрена, а сега е веќе неизвесно и кога и дали ќе биде завршена реконструкцијата и кој тоа ќе го направи.

Универзална сала, еден од симболите на Скопје, се чини и покрај сите ветувања, нема во наредните години повторно да ги отвори вратите за посетителите. Реконструкцијата на култниот објект почна при крајот на мандатот на претходниот скопски градоначалник Петре Шилегов, за неколку месеци потоа да биде прекината од актуелната градоначалничка Данела Арсовска со образложение дека проектот за реконструкција е небезбеден.

Оттогаш досега, веќе речиси три години, работите не само што стојат во место, туку објектот на некогашната Универзална е само железна конструкција, работите се сосема запрени, а евентуалната изградба на објектот служи само за меѓупартиски надмудрувања.

Пред повеќе од една година, Советот на Град Скопје, по повеќемесечно одолговлекување, конечно изгласа објектот на Универзална сала времено да му се отстапи на Министерството за култура, кое имаше обврска да го заврши објектот, а потоа, по завршување на изградбата, салата повторно да му се врати на Градот. Потоа, работата запре кај примопредавањето на целокупната документација, па откако сите потребни документи стигнаа во Министерството, поранешната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска информира дека реконструкцијата продолжува.

Реконструкцијата на Универзална сала е „главоболка“ и за Град Скопје и за Владата

Изградбата како што посочи министерката требаше да чини нешто повеќе од една милијарда денари или околу 16 милиони евра, за изведба на градежните зафати и за надзор. Како што беше соопштено, Министерството за култура веќе ги обезбедило средствата потребни за тригодишната реконструкција, колку што е рокот за изградба предвиден во договорот за регулирање на меѓусебните права и обврски склучен помеѓу Министерството и Градот на 7 декември 2023 година, што значи дека обновената Универзална сала требаше да ги отвори вратите за скопјани најдоцна во декември 2026 година. Од државниот буџет за зафатите на салата за 2024 година беа обезбедени 120 милиони денари, а за 2025 и 2026 година по 443 818 000 денари.

Фото:Слободен печат/Анета Стојковска

Но, месец-два потоа, во април годинава, салата ја зафати голем пожар, па реконструкцијата повторно запре додека да заврши истрагата што требаше да ги утврди причините за пожарот. И досега не продолжи.

Сега, актуелниот министер Зоран Љутков тврди дека Министерството за култура во претходна влада незаконски ја презело Универзална сала од Град Скопје затоа што, според него, Министерството законски не може да гради објект што е локална установа и најави кривични пријави против сите вклучени во таа постапка. Поради тоа што, како што вели Љутков, не се знае во чие владение е салата, изградбата во моментов е стопирана, но тврди дека Скопје ќе има Универзална сала за 2028 година кога ќе биде Европски град на културата. Кој ќе ја изгради – не прецизираше.

Скопје во 2028 година ќе ја има Универзална сала и ќе ја има на законски и легален начин. Ова што е направено досега е незаконски и нелегално, подложи на кривични пријави. Ние ќе го запреме ваквото дивеење и незаконско работење, ќе ја вратиме постапката и најтранспарентен и на најлегален начин Скопје ќе биде Европската престолнина на културата со нова Универзална сала и ќе се гордее со неа затоа што ќе биде изработена законски – истакна Љутков.

Од СДСМ го демантираа министерот со став дека преземањето на Универзална сала е спроведено законски и реконструкцијата мора да ја направи Министерството за култура, како што е договорено со Градот.

Целокупната постапка за Универзална сала е спроведена низ соодветни законски процедури. Врз основа на овие законски постапки, одлуките на Советот на Град Скопје и на Владата е донесена и одлука за финансирање на реконструкцијата на овој објект – реагираа од партијата СДСМ.

Универзална сала крунисана со нова купола, во тек е јавна набавка за изведба на втората фаза

Универзалната сала беше затворена за концерти, театарски претстави и други случувања од областа на културата пред девет години откако почнаа да паѓаат делови од таванот и се увиде дека ѝ е неопходна целосна реконструкција.

Денеска таа е само жална слика, „костур“ од железа, за која веќе ни најоптимистички расположените граѓани не веруваат дека некогаш повторно ќе ги отвори вратите за културни настани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот