Од 130 до 330 евра ќе се зголемат функционерските плати од јануари, ако не се смени или законот или коефициентите

Премиерот Христијан Мицкоски на владина седница / фото: Влада

Намалувањето на коефициентите во февруари го сопре растот на платите за оваа година, кои лани пораснаа за 78 отсто, а ако не се донесе нов закон или повторно не се намалат коефициентите за пресметка, платите на функционерите следната година дополнително ќе им пораснат согласно растот на годишната просечна плата

Платите на функционерите од јануари 2025 година повторно ќе се зголемат согласно растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските.

Тоа што во февруари годинава со измена на шест закони беа намалени коефициентите на сложеност со кои се множи основицата при пресметката на платите помогна само да не им пораснат примањата во оваа 2024 година, откако во март 2023 година со одлука на Уставниот суд им пораснаа за 78 отсто. За да не им растат и во 2025 година Владата би требало на Собранието да му предложи повторно да ги намали коефициентите за пресметка или да го исполни ветувањето за носење на нов системски закон за платите во јавниот сектор, но засега е неизвесно што ќе се случи. За изработка на новиот системски закон засега не станува збор, а извршната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ не најавува дека ќе го сопре зголемувањето, иако беше гласно против растот на функционерските плати додека беше во опозиција, а премиерот Христијан Мицкоски дури бараше сите министри да работат без надомест!

За Мицкоски плус 330 евра, за Дамева 265, за Арсовска 230!

Платата на функционерите се пресметува така што просечната плата од претходната година се множи со коефициент на сложеност, на што се додаваат другите додатоци како минат труд, бонуси, разни надоместоци и сл. Пред февруарските измени на коефициентите тие беа во распон од 2,2 до 4,5, а по измените се намалија од 1,91 до 3,92. Со ова намалување коефициентите беа „нивелирани“ на начин да останат актуелните плати по ланското драстично зголемување од 78 отсто и ниту една плата да не се намали, но и да нема значителни зголемувања. Ако не ги намалеа коефициентите, платите ќе им пораснеа за нови 200 до 400 евра!

Просечната плата за 2023 година изнесува 36.614 денари, а за 2024 година најверојатно ќе изнесува околу 41.000 денари. Според Државниот завод за статистика, просечната плата за мај 2024 година е 41.252 денари, а просекот од јануари до мај е 40.328 денари.

Ако годишната просечна плата е 41.000 денари, основната плата на функционерите со највисок коефициент, а тоа се премиерот, шефот на државата и претседателот на Собранието, ќе изнесува 160.720 денари без додатоците. Премиерот Христијан Мицкоски, според податоците што ги објави Владата зема основна плата од 140.450 денари (2.280 евра), па произлегува дека од јануари следната година платата ќе му се зголеми за околу 20.000 денари (330. евра) и ќе изнесува 160.720 денари (2.610 евра).

Пратениците, за кои по законските измени коефициентот од 3,5 се намали на 3,04, ова година земаат основна плата од 111.300 денари, а од јануари ќе земаат по 124.600 денари, односно за 13.340 денари (210 евра) повеќе, без надоместоците. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која по ново има коефициент од 3,22, сега зема основна плата од 117.900 денари, а од следната година 132.000 денари, што е покачување од 14.000 денари. Истиот коефициент како на скопската градоначалничка му следува и на Државниот јавен обвинител, кој зема и дополнителни надоместоци согласно Законот за платите на обвинителите. Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, за која коефициентот беше намален од 4 на 3,7, оваа година зема основна плата од 135.400 денари, а следната година ќе зема 151.700 денари, што е за 16.300 денари повеќе.

Функционер со коефициент 3 ќе зема плата зголемена за 13.150 денари, а со коефициент 2 зголемена за 8.700 денари. Функционерите чија плата се пресметува според најнискиот коефициент од 1,91 сега земаат основна плата од 69.900 денари, а од догодина 78.300 денари, што е зголемување за 8.400 денари.

Едно е опозиција, друго е власт

Слободен печат“ ја праша Владата дали ќе подготвуваат нов закон со кој ќе се регулира системот на плати во јавниот сектор, меѓу кои и на избраните и именуваните функционери и кога може да се очекува тој закон, кој според минатата власт предводена од СДСМ беше многу сложен за изработка и тие најавуваа дека ќе го подготвуваат уште најмалку една година. Владата треба да ни одговори и дали ќе се земат в предвид досега изработените решенија на претходната влада, која на ЕНЕР во 2022 година постави предлог на закон за плати во јавниот сектор, според кој основица за пресметување ќе биде минималнатга плата, нивото на работното место ќе се пресметува со бодови кои ќе имаат единствена вредност во целиот јавен сектор, а Собранието ќе утврди коефициенти за сите.

Ја прашавме Владата и дали планира да го „пресретне“ зголемувањето на актуелните плати во јануари со ново намалување на коефициентите или повеќе нема да интервенираат во коефициентите и дали сметаат дека е во ред за неколку месеци функционерите да добијат ново покачување. Штом ќе добиеме одговори од извршната власт за оваа значајна тема од јавен интерес, ќе ги објавиме.

На страницата ЕНЕР каде што е поставен предлогот за нов закон за плати во јавниот сектор е наведено дека пресметката и исплатата сега се врши врз основа на посебни закони и колективни договори, а во некои институции дури и со правилници.

Евидентно е дека не постојат јасни правила и воедначена методологија за пресметка на платите во законодавната власт, извршната власт, судската власт, локалната самоуправа, избраните, именуваните и назначените лица и трговските друштва во целосна државна сопственост“, се вели на ЕНЕР, каде предлогот е поставен од поранешното Министерство за информатичко општестсво и администрација.

На оваа неусогласеност досега укажуваа повеќе функционери, меѓу кои и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и актуелниот Христијан Мицкоски, кои истакнуваа дека во некои државни агенции одредени службеници или членови на управни одбори земаат плата повисока од министрите или премиерот, што, според нив, е недопустливо и треба да се корегира со нов единствен закон за сите плати во јавниот сектор.

ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција остро се спротистави на зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто, а сега на прашањата дали ќе ги намалат платите одговараат дека целта на Владата е „да се направи подобар животен стандард за сите граѓани, да нема толкави разлики во платите какви што ги има сега.“ Моментно министрите земаат основни плати во износ од 115.540 денари, што е речиси колку три просечни плати (41.252 денари), и колку пет минимални (22.567 денари)! Оваа разлика предизвикува огромен револт кај граѓаните, особено што минималната потрошувачка кошничка за четиричлено семејство изнесува околу 60.000 денари.

Неодамна, пак, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека не гледа решение во намалувањето на функционерските плати, бидејќи министрите работат многу напорно и додаде дека ако ги намалат, таа ќе замине од функцијата, затоа што приватно повеќе заработува, а функцијата е стресна.

До зголемувањето на функционерските плати дојде откако Уставниот суд лани на 21 март ја укина фиксната основица која изнесуваше 26.700 денари, која беше утврдена во Законот за плати на избраните и именуваните лица, со образложение дека е неуставно да постојат две основици, по што како основа за пресметка остана само годишната просечна плата. Таа несопирливо расте од година во година, па со неа ќе растат и функционерските плати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот