Новинар и презентер на Би-би-си исчезна на грчкиот остров Сими

Мозли/ Фото: X

Британскиот новинар и презентер на Би-би-си, познат по емисијата „Верувај, ми, јас сум доктор“ (Trust Me I’m a Doctor) Мајк Мосли, исчезна на малиот грчки остров Сими, а во тек е потрага за негово пронаоѓање.

Мосли на островот бил на одмор заедно со неговата сопруга и пријатели, а според медиумите, во средата попладне му се изгубила трагата, додека случајот беше објавен вчера попладне.

Веднаш откако било пријавено дека 67-годишниот новинар не се вратил во хотелот каде што престојувал, започнала и потрагата на полицијата и противпожарната служба со дрон и хеликоптери, како и волонтери од островот.

Во средата, Мосли, заедно со сопругата и уште еднa двојка, како што пишуваат медиумите, со чамец заминале на плажа, по што новинарот одлучил да се врати сам, пеш, во време кога на островот било особено топло со температура од околу 40 степени Целзиусови.

-Жештината беше неподнослива и лесно може да ти се слоши во такви услови. Сакаше пеш да се врати од плажа, но ова е растојание од околу час и половина и можеби користел одредени рути за да пресече пат“, рече градоначалникот на Сими Лефтерис Папакалодукас за „Катимерини“.

Според истите информации во медиумите и Мосли и неговата сопруга не ги носеле со нив мобилните телефони.

Сими е мал остров во јужниот дел на Егејското море, во близина на Родос и има нешто повеќе од 2.500 жители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот