Нов градски фестивал во организација на „Култура Бета“ ќе се одржи во „Илика“ и во „Буква“

Плакат за првото издание на фестивалот „РЕ-култура“

Во кафе-книжарниците „Илика“ и „Буква“ на 28 септември (сабота) ќе се одржи новиот градски фестивал на „Култура Бета“, насловен „РЕ-култура“. Фестивалот е донаторски, посветен од заедницата за заедницата и има за цел собирање средства за организирање настани и објавување на самостојни изданија на „Култура Бета“.

Во рамки на програмата на „РЕ-култура“ ќе се одржат неколку настани каде што ќе се претстават повеќе млади уметници и културни работници со мото „#Ослободи ја младинската култура“.

Програмата ќе почне на пладне во кафе-книжарницата „Илика“, кога ќе бидат отворени донаторскиот базар на стари книги, групната изложба на којашто ќе учествуваат уметниците Бојан Звездаковски, Валентина Миладинова, Андреј Медиќ Лазаревски, Тамара Блажевска, Дона Илијевска, Дијана Велковска и Кристијан Јовановски, како и диџеј сетот на Ивана Јовановска.

Во 18 часот во „Илика“ ќе се случи разговор со поетесата Филипа Сара Попова, добитничка на наградата „Млада Струга“ на годинашното издание на Струшки вечери на поезијата.

Програмата ќе продолжи во 21 часот во „Буква“ со 11. издание на поетските читања „Поетска епизода“ на која ќе учествуваат младите поети Филипа Сара Попова, Стефан Спасовски, Нино Јовановски, Методија Тасевски, Марија Хана Трајкоска и Калиа Димитрова.

Читањето ќе го модерираат Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски. Програмата ќе заврши со музички сет на Modem priest (Максимилијан Сарајлија) во 22:30 часот.

– „РЕ-култура“, бидејќи со овој настан пробуваме да ја РЕанимираме заедница и сите заедно да креираме настани; „РЕ-култура“, бидејќи со овој настан РЕциклираме стари книги и им даваме втора шанса; „РЕ-култура“, бидејќи со овој настан сакаме повторно и повторно да ја РЕстартираме културата во овој град; „РЕ-култура“, бидејќи со овој настан ја РЕфрешираме македонската културна сцена со нови, млади, талентирани уметници; и најважно, „РЕ-култура“, бидејќи со овој настан создаваме култура во неформални, алтернативни и јавни простори, сите заедно ги поддржуваме независните кафе-книжарници, ја ослободуваме младинската култура и бидејќи со ова сакаме да ја креираме, РЕ-креираме и анимираме заедницата – бидејќи само така се гради вистинска култура! – истакнуваат од „Култура Бета“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот